Македонија прва по ниско целокупно ниво на дигитални вештини!
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) деновиве објави кратка анализа за нивото на дигиталните вештини во Македонија и ЕУ, која открива дека нивото на дигитални вештини кај Македонците е еден од клучните фактори за нивната подготвеност да купуваат онлајн.
Според нивните податоци, вртоглаво брзиот развој на технологија придонесува кон тоа дигиталните вештини да станат неопходни за секојдневието. Во иднина, за 9 од 10 работни места ќе бидат потребни дигитални вештини, па и покрај овај факт, потребата за зголемување на дигиталната писменост е сѐ поголема.
Од 2015 година наваму, Еуростат секоја година објавува индекс за дигитални вештини според кој Македонија е рангирана на врвот по ниско целокупно ниво на дигитални вештини. Овој процент на ниско ниво на дигитални вештини во 2017 година се зголемил во споредба со 2016 година.
Македонија се наоѓа на долниот ранг во споредба со европските земји по целокупно ниво на дигитални вештини, со 20% во 2017 година, спрема 23% во 2016 година. За основни и над основни вештини, повторно Македонија е во долниот ранг со 32%, единствено пред Бугарија и Романија.
Во државите од ЕУ, податоците за 2017 година покажале дека 44% од луѓето имаат многу ниски дигитални вештини, а само 27% имаат основни дигитални вештини, со тоа што околу 14% не користат Интернет според податоци од Европската комисија. Комисијата предупредила дека повозрасните луѓе, оние со помал степен на образование и оние со помали примања продолжуваат да бидат во ризик од дигитално исклучување.
Според АЕТМ, се препорачува поголема едукација на населението за зголемување на компјутерската писменост, дигиталните вештини и онлајн купувањето преку различен тип на активности со цел зголемување на нивото на дигитални вештини. Тие објаснуваат дека ниското ниво на дигитални вештини се одразува и на е-трговците.
Инаку, АЕТМ подготвува и сеопфатна анализа за е-трговијата во Македонија која ќе даде информации за навиките на македонските потрошувачи при купувањето онлајн, користењето на интернетот од страна на компаниите и од страна на потрошувачите, како и е-трговијата во Македонија споредена со е-трговијата во европските земји.