Во Прилеп денеска беше пуштена во употреба пречистителна станица која ќе одговори на потребите на 95.000 граѓани – инвестиција од 50 милиони евра кои се обезбедени од Европската унија, од каде се одвоени и 3,5 милиони евра за изградба на ИКТ-центарот за потребите на МВР за складирање дата податоци при катастрофи.
Двата капитални објекти беа промовирани во присуство на премиерот Зоран Заев, министри во Владата, евроамбасадорот Самуел Жбогар, градоначалници и други.
„Ова е четврта пречистителна станица во земјава која ги финансира ЕУ, по оние во Струмица, Радовиш и во Кичево. Ќе следува изградбата на пречистителни станици во Битола и Тетово, со тоа што овие четири пречистителни станици чинат над 50 милиони евра. Тие ќе го подобрат заштитувањето на животната среина, а прочистителната станица ќе обезбеди и производство на био-гас“, рече премиерот Зоран Заев.
Според евроамбасадорот Жбогар, таквите проекти се за подобрување на животот на граѓаните и ја носат Македонија поблиску до ЕУ. Со проектот е опфатена и обнова на 60 километри долга канализацинона мрежа.
Министерот за финансии Драган Тевдоски, пак, потенцираше дека за четири месеци оваа е четврта пречистителна станица што се пушта во употреба.
„Придонесува за почиста животна средина, ќе опслужува 95.000 граѓани, а трите досега се за 126.000 граѓани. Ова придонесува и за економскиот раст во земјава, а и за стандардот на жителите на Македонија.“, рече Тевдовски.
За заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули, ова е значаен проект за заштитата на животната средина.
„Пред една година работите беа запнати, а сега ја отвораме станицата. Годинава очекуваме два проекти во рамките на фондовите на ЕУ за реализација на други пречистителни станици. Ако сето тоа се реализира, 20% од населението во земјава ќе ги подобри условите за живот, а тоа не се случило на ниту еден претендент кој сака да биде во ЕУ.“, наведе Макрадули.
На стартот на активностите за изградба на ИКТ центарот, Заев потенцираше дека тој е прв од ваков вид во регионот и ќе биде резервна база за виталните информациски системи во земјава. Најголемиот дел од средствата, 3,25 милиони евра се од ИПА фондовите на ЕУ за 2013 година, а свој удел од 152.000 евра има МВР кое ќе биде и краен корисник.
Како што најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ИКТ центарот треба да биде готов до крајот на годинава.