Еден милион, 41 илјадa и 583 патници (1.041.583) патуваа преку Меѓународниот Аеродром Скопје и охридскиот аеродром Свети Апостол Павле, во првите шест месеци од 2018 година, што претставува годишен пораст од 21%, во споредба со првата половина од 2017 година, соопшти ТАВ Македонија.
Во истиот период, јануари-јуни 2018 година, бројот на летови на двата македонски аеродроми достигна 9.033, со годишен пораст од 16%.
„Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1% во 2018 година, ТАВ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување на нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции.“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Порастот на патничкиот сообраќај со 21%, којшто ТАВ Македонија го забележа од јануари до јуни годинава, го надминува и просечниот раст на аеродромите во земјите кои не се членки на ЕУ, кој изнесува 12,5% во првиот квартал од 2018 година.
Најфрекфентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот Аеродром Скопје се: Истанбул (двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен; 11% пазарен удел), Цирих (8,5%), Базел (5,8%), Виена (5,1%), Малме (4,6%) и Братислава (3,5%).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Визер превезува најголем број патници со 63,3% пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс (8,1%), Аустриан ерлајнс (5,1%), Германија флуг (4,6%), Еделвајс (3,8%), Кроација ерлајнс (3,1%), Пегасус ерлајнс (3%).
Од ТАВ Македонија очекуваат дека порастот на воздушниот сообраќај ќе продолжи со слично темпо и до крајот на годинава, имајќи ги предвид 5-те нови дестинации кои беа отворени на аеродромите во Скопје и во Охрид на почетокот од летната летна сезона во 2018 година.
На 1-ви јуни, ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар, отворајќи ги летовите меѓу Скопје и Варшава, нова дестинација која се опслужува шест пати неделно.
На аеродромот во Охрид беа отворени 4 нови сезонски дестинации – Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава. ТАВ Македонија најавува нова редовна авиолинија од Охрид до Виена, која ќе биде воведена во ноември 2018 година.
Меѓународниот Аеродром Скопје, моментално е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има 3 редовни авио-линии кои функционираат во текот на целата година и 8 сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании.