За да ги надминат јазичните бариери, милиони странски гости во Русија за време на Светското првенство во фудбал интензивно користеле Google Translate што резултирало со зголеменo користење на оваа апликација за 30%, пренесува The Guardian.
Откако заврши Мундијалот пред неколку дена, оваа информација ја потврдија и од Google, потврдувајќи дека најчестите јазици за преведување биле руски и шпански.
На странците кои престојувале во Русија, особено тешко им било разбирањето на јазик со кирилично писмо. Иако апликацијата понекогаш ги менувала речениците во преводот, контекстот им останувал јасен на корисниците.
Пребарувањата поврзани со Светското првенство исто така пораснале, и тоа дури за 200%, додека оние со зборот „пиво” за 65%.
Интересно е што ваков раст при користењето на Google Translate беше забележан за време и на Светското првенство во Бразил во 2014 година, но во Русија размерот е сосема поинаков.
Главната причина е големиот развој на способностите на самата апликација. Сега преводите се многу попрецизни во комбинација со гласовниот превод и проширената реалност на текстовите. Дополнителниот поттик да се користи Google Translate се должи и на фактот дека буквално неколку дена пред почетокот на Светското првенство во Русија, Google ја прошири способноста за офлајн превод на речиси 59 јазици. Со оглед на високите роаминг трошоци во светот, оваа функција дефинитивно им помогна на многу туристи и фанови.