Bosch претстави услуга која ги предвидува условите на патот, а ќе им помогне на беспилотните возила да возат безбедно дури и на влажни и подмрзнати коловози. Од компанијата велат дека технологијата ќе им овозможи на автоматизираните возила да знаат какви се условите на патот. Од Bosch велат дека новиот систем ќе ги предупредува возилата на опасност пред да се случат некои критични ситуации.
Како што пишува Engadget, технологијата зема предвид повеќе можни сценарија за правење временски прогнози од финската компанија Foreca, па возилото кое го има системот знае како и каде може да вози самостојно. Од Bosch додаваат дека на овој начин нема да има потреба луѓето да ја преземаат контролата врз возилата на првиот знак за лоши услови на патот. Се разбира, ова се однесува на возила кои уште не се развиени до ниво на автономија 4 или 5.
Вosch планира да ја пушти услугата во 2020 година и целосно да се потпира на информациите за временските услови на компанијата Foreca, но во иднина ќе ги користи и информациите кои ги споделуваат беспилотните автомобили еден со друг преку технологијата. Системот ќе внесува податоци за температурата надвор и во возилото, како и други информации од типот дали некој автомобил користи брисачи или колку пати се активирал системот против лизгање во облакот на Bosch.