На 100 домашни компании државата ќе им додели 9,2 милиони евра

- Advertisement -
На 100 домашни компании ќе им биде доделена државна помош од 9,2 милиони евра, соопштија на прес-конференција претседателот на Владата, Зоран Заев, заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши. Пред новинарите  ги промовираа договорите за доделување државна помош на компании од првиот и вториот столб на планот за економски раст во согласнос со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Сите компании заедно имаат околу 14.000 вработени, а само во 2017 година отвориле над 1.000 нови работни места, велат од Владата. По исполнување на своите обврски, тие ќе добијат вкупна помош од 9,2 милиони евра.

„Првпат во историјата на Македонија државата определува значајни буџетски средства како поддршка за успешното работење на компаниите, првпат домашните компании добиваат помош под исти услови како и странските и првпат оваа државна политика се регулира преку закон. За таа цел Владата само за оваа година определи нешто повеќе од 20 милиони евра финансиска поддршка за големите, малите, средните и микрокомпаниите според сите три столба од планот за економски раст. Тоа е 100 пати поголема директна државна поддршка од порано“, рече Заев.

- Advertisement -

Во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите компаниите што имаат остварено повисоки приходи и имаат ист или зголемен број вработени во 2017 година во споредба со трите претходни години имаат право да аплицираат за финансиска поддршка.

„Најголем број се од Скопје, односно 28 компании, а по 7 компании има од Битола, Кочани и од Струмица, по 6 од Куманово и Прилеп, а од Охрид и Штип се 4 компании. Дека законот важи еднакво за сите, покажува дека и компании од помалите места добиваат иста шанса, па така и од општина Боговиње утврдено е дека 4 компании исполнуваат услови за склучување договор за финансиска поддршка. Најголем број компании се мали, дури 49, потоа следуваат средните компании – 32 и 19 се големи фирми“, дополни Анѓушев.

Сподели!
- Advertisement -