На 700 метри надморска височина на висорамнината Витачево во близина на Кавадарци се наоѓа овој рај кој што го гледате на фотографиите. На површина од 10 хектари обработлива површина Цветанка Колева и нејзиното семејство од Кавадарци веќе трета сезона одгледуваат огранска лаванда, билка која е вистинска реткост во Македонија!
Пишува- Верица Јорданова
Како дознав за овој прекрасен рај? Со Цветанка се запознав во мај оваа година на обука во Крушево. Претставувајќи ја својата работа како претседател на Здружението на органски производители од Тиквешијата Биовита, таа меѓу другите култури кои ги одгледуваат членките на здружението ја спомена и македонската лаванда. Како голем љубител на лаванда и неуморен трагач по интересни приказни со потенцијал да се развијат во успешни бизниси, во јуни заедно со фотографката Теа Тевева поминавме преубав ден на оваа нива со лаванда за да ја уловиме колоритната глетка и да уживаме во уникатната арома-терапија од мирисот на оваа ароматична билка.
На само еден ден пред жетвата на лавандата, буквално седнати среде нива разговаравме со Цветанка, жената која од преголема љубов кон лаванда најпрвин ги направила садниците во својот семеен двор, а по три години го стартувала првото поле со лаванда во овој дел од Македонија.
Земјоделската парцела што ја одгледуваат Колеви е околу 100 декари и има органски статус веќе девет години. На неа се засадени: анасон, слануток, сончоглед, грав, малку просо и уров, како и лаванда. Колеви, како добри познавачи на органското производство, се фокусирани посевите да бидат безглутенски житарки затоа што има многу зголемена побарувачка за нив.
Литар масло во Бугарија е околу 100 евра
Од еден декар возрасна лаванда,(старост на 5 години) се добива 7-8 литри масло
Зошто лаванда?
„Земјата бара постојана нега и грижа. Сите кои се занимаваат со земјоделство го знаат тоа многу добро. Кај мене се јави желба да посадиме некоја култура која ќе биде повеќегодишна, но и која ќе ни даде вистинско задоволство. Така, инстиктивно ми дојде идеја да посадиме лаванда, пред се поради нејзината виолетова боја, боја на една од аурите кои ги има човекот. Патем, тоа убаво се вклопи и со нашата друга активност со која интензивно се занимаваме две децении, а тоа е пчеларство. Сметав дека тоа ќе биде многу убава и интересна симбиоза и годинава тоа стана и видливо. Па еве, годинава можам да кажам дека имаме преубав виолетов пејсаж кој што се надевам во годините кои следуваат ќе биде уште поголем“, раскажува Колева.
Погодна ли е Македонија за одгледување лаванда?
„Целиот проект за одгледување лаванда го направив сама. Сама истражував како да ја размножам лавандата, дали овде одговараат почвата и надморската височина за оваа билка. Грижата која што е потребна додека сандниците се т.р бебиња, времето и периодот на одредени активности додека се уште е млада. Откако ја посадивме истата бев во Бугарија да посетам други производители на лаванда и да соберам искуство со оглед на тоа дека Бугарија е една од најголемите производители во светот по производство на оваа ароматична билка. Искуството во оваа земја покажува дека за да се биде профитабилен од одгледување на оваа билка и производство на масло, потребно е да се одгледуваат најмалку 20 декари лаванда, а за оптимални резултати неопходни се 50 декари.“, вели Колева.
Двегодишното искуство на Колеви е дека ,возрасната, лавандата не бара премногу грижа и е доста благородна билка. Но, потребно е да се коси тревата во редовите, или на друг начин механички да се отстранува, без употреба на хербициди.
Македонија е идеална за одгледување лаванда и сите празни полиња кои се на над 500 метри надморска височина може да се посадат со лаванда.
Но, за одгледувањето лаванда да биде профитабилен бизнис потребно е да се инвестира не само во производство, туку и во технологија за екстракција на масло, кое всушност е најбараниот производ од лавандата. Се додека не се создадат тие услови, одгледувањето лаванда ќе биде само желба и активност на ентузијасти и вљубеници во оваа ароматина билка.
[quote]За да се биде профитабилен од одгледување на оваа билка и производство на масло, потребно е да се одгледуваат најмалку 20 декари лаванда, а за оптимални резултати неопходни се 50 декари![/quote]
Масло од лаванда
Неколку дена по нашата посета, Цветанка ни испрати слика од првото масло кое што го добила со екстракција на масло од тазе ожнеаната лаванда. Станува збор за многу мала количина, која е добиена со дестилација во домашни услови, но доволна за да се направат идните пресметки за натамошен развој на бизнисот.
„Ние се уште не сме се обиделе да обезбедиме пласман на органската лаванда кај некоја компанија затоа што имаме многу мала количина. Нашата парцела е доволна само за експериментирање и учење како да се развиваме понатаму“, вели Колева.
Во моментов, со сегашните насади со лаванда во Македонија нема услови да се зборува за развој на оваа земјоделска култура како бизнис. Минималните посеви треба да бидат 50 декари за воопшто да се размислува за монетизирање на трудот.
Трендови во органското производство
Како претседател на Здружението на органски производители во Тиквешијата, во кое членуваат градинари, пчелари, сточари, лозари, Колева дава видување на пазарот на органски производи во Македонија.
„Се соочуваме со одредени контрадикторности на органскиот пазар. Од една страна, бројот на производители расте, но како што поминуваат годините интересот кај потрошувачите како да опаѓа. Приказната за бенефитите од органска храна се навистина интересни, но цената на органските производи, која нормално е нешто повисока, се чини е сериозен ограничувачки фактор. Дефинитивно потфрламе во делот на едукација на конзументите. Намалената побарувачка и неможноста да се постигне цена, креира незадоволство кај производителите.
Не можеме да се вклопиме ниту во големата побарувачка на развиените европски пазари од причина што како мали производители не можеме да ги обезбедиме количините кои таму се бараат“, објаснува таа.
Најважен предизвик за во иднина останува едукацијата на потрошувачите за бенефитите од органска храна, а најбаран производ е органскиот мед!
[quote]За земјата да ни го даде она кое нам ни е потребно, треба да има и љубов и работа[/quote]
Лековитите својства на лавандата се повеќебројни почнувајќи од ароматерапија, па чај од лаванда и масло од лаванда
- Создава хармонија
- Го подобрува сонот
- Помага при лекување на респираторни болести
- Ја намалува анксиозноста и напнатоста
- Намалува болка
- Дезинфекција на кожа и ублажување на акни
- Ја зголемува циркулацијата на крвта
- Штити од убоди на комарци
- Изгореници
- Етеричното масло е природен антибиотик, антисептик, антидепресив, седатив и врши детоксикација.