Водејќи се од љубовта кон чевлите, особено кон уникатните, дизајнерски модели, Драгана Ангелоски пред нешто помалку од две години ја започна приказната на ДИАС. Македонскиот бренд на кожени машки и женски чевли и чанти полека, но сигурно го пробива својот пат на пазарот и до купувачите. Можноста да си одберете свој дизајн, комбинации на боја или додатоци и да ставите личен печат на своите чевли се предизвик за многу клиенти. Да се биде уникатен е животен стил за многумина, а ДИАС ја дава токму таа можност
„Купувачите се се` похрабри, особено мажите“, вели Драгана. „ Мажественоста не доаѓа само во црна и кафена боја, па не се срамат да носат чевли во смела боја, сина, виолетова, црвена… “
Тоа за ДИАС е мотив повеќе да продолжат на патот што го одбрале, да го градат својот custom made, со максимално вклучување на желбите на купувачот во нивните дизајни. Драгана вели дека сакаат да ја поттикнат индивидуалноста на секој човек и да ги охрабрат да експериментираат и да ги надминат своите модни лимити и да носат чевли со на пример, крзно од пони.
Приказната на ДИАС, која почнала спонтано, сега се претвора во многу сериозен бизнис. Веќе година ипол со работа на овој концепт тие му дозволуваат на клиентот да може да си избере се`, од кожата до додатоците. А опциите за персонализација се неограничени. За чантите нема ограничување во поглед на дизајнот и нивната големина или функционалност, а клиентот е максимално вклучен во процесот на изработка. За чевлите, пак, постојат две опции, да се изработи целосно нов модел според барањата на клиентот, што чини повеќе и трае подолго, или пак еден од постоечките модели да се прилагоди на специфичните желби на купувачот. Чевлите се изработуваат со повеќе од 70 видови на кожа, а можат да се видат на веб страната на компанијата и да се купат во нивниот салон во Скопје.
„Важно ни е моделите кои ќе ги носат нашите клиенти да се креативни, иновативни и со специфичен печат. И сериските модели нема да ги има во неограничени количини, најмногу до шест парчиња, така да ќе се задржи уникатноста“, вели Драгана и посочува дека имаат и подбренд „Акси“, што е покомерцијална линија која може да се купи на неколку локации низ земјава.
Блиската и подалечната иднина им е полна со планови за развој на бизнисот. Во моментов се подготвува новиот продажен салон, во кој значаен дел ќе биде одделот за custom made во кој на секој клиент ќе му се посветува доволно време и внимание додека го дизајнира својот модел.
„Слободата клиентите да бираат и да дизајнираат е нашиот водечки мотив и најиновативниот момент во нашата работа. Персонализацијата и индивидуализацијата се неограничени, па така може да се ставаат иницијали, име, слики, дури и цел текст. На пример, минатата година во очи на Супер купот во Скопје, направивме две торбички со логоата на Манчестер Јунајтед и на Реал Мадрид, за двајца блиски пријатели, но навивачи на различни клубови“, вели Драгана.
Објаснува дека во Македонија нема суровини за овој бизнис, па сета кожа што се употребува се увезува од странство. Вистински предизвик бил додека се најдат вистинските снабдувачи, а и сега е кога треба да се нарачаат доволни количини кожа или да се погодат вистинските нијанси на боите што се потребни. Кога го анализирале пазарот на труд сфатиле дека кај нас се дефицитарни и образуваните и квалификуваните мајстори и занаетчии.
[quote]Слободата клиентите да бираат и да дизајнираат е нашиот водечки мотив и најиновативниот момент во нашата работа. Персонализацијата и индивидуализацијата се неограничени[/quote]
Капацитетот што ДИАС го има во моментов дозволува да бидат конкурентни на нашиот пазар, но плановите за подалечната иднина вклучуваат и развивање и ширење на пазарите на Балканот, па и пошироко.
„Сакаме да работиме и онлајн, но македонските компании се хендикепирани со испораката, која до САД, на пример, може да чини 50 долари, а во Европа уште повеќе. Некои компании се обидуваат да дадат подобри понуди, но и ним им треба поддршка. Кај нас има многу квалитетни компании кои произведуваат одлични производи што сигурни сме дека би биле одлично прифатени на пазарите ширум светот, а според квалитетот се многу конкурентни. Но, ако тие излезот на странскиот пазар треба да го платат прескапо, тогаш конкурентноста се губи“, објаснува Драгана.
(Пишува- Сања Наумовска)