Загадувањето на воздухот e голем проблем во целиот свет, но една компанија им помага на луѓето да останат безбедни без оглед на тоа каде живеат. Компанијата Bioscarf направи стилски аксесоар кој истовремено служи како заштитна маска во места каде што има висока концентрација на загадување. Мултифункционалната марама штити од загадувачите на воздухот, алергените и вирусните инфекции како што се грипот и настинката.
Bioscarf својот производ го нуди во различни бои, бела, зелена, црна и војнички дезен. Секоја марама е направена од висококвалитетен полиестер и го содржи логото на компанијата. Долги се околу 2 метри и околу 30 см широки, поради што се идеални за да го заштитат вашето лице кога дува ладен ветар. Иако се доста модерни, ве штитат од алергени и вирусни инфекции, кои секоја зима се голем проблем во урбаните средини, пишува Inhabitat.
Марамите филтрираат повеќе од 94% од загадувачите на воздухот и ви помагаат да дишите чист воздух исто како да носите маска. Според компанијата, тестовите покажале дека Bioscarf филтрира речиси 100% од честичките со големина од 0.1 или поголеми, меѓу кои се честички на вируси кои предизвикуваат пневмонија, грип, туберколоза, првут од животинско потекло, полен и чад од цигари.
Соосновачот на компанијата, Хејзел Соле, била инспирирана да ја креира марамата по одморот поминат во Кина со семејството. Нејзиниот сопруг, Карлтон, се разболел, а докторот му рекол дека тоа веројатно е последица на загадувањето на воздухот. Им препорачал да носат маски. Така таа дошла на идеја за подобро решение.
Освен марамите, компанијата има специјализирана програма со која донира по една марама за секоја купена марама на добротоврни организации. „Експертите велат дека повеќе од две милијарди деца во светот дишат токсичен воздух и никој не зборува за тоа. Време е не само да ја подигнеме свеста за ова прашање, туку да им дадеме на луѓето кои се во опасност начин да се заштитат од загадувањето“ вели Хејзел.