ГастроМак го собра глобалниот готвачки крем во Струмица

- Advertisement -

Почнувајќи од денес, па во следните пет денови, врвните кулинарски светски судии, едукатори и готвачи повторно ќе се сретнат во Македонија, на Третиот меѓународен гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2018. Континенталниот натпревар се одржува по трет пат во Македонија, ќе трае од 08 до 12 октомври, а домаќини се градот Струмица и хотелот Вила Парк.

Овој годишен светски собир на кулинарските мајстори и натпреварувачи, е во организација на ГастроМак – Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, а под покровителство на WACS – World Association of Chefs Societies (Светската организација на шефови на кујни), со седиште во Париз, Франција. Организациски и логистички поддржувачи и оваа година се Општината Струмица и Хотелот Вила Парк, кои по втор пат ќе бидат домаќини на едно од најголемите годишни гастрономски случувања во регионот и пошироко.

- Advertisement -

„Ги поканувам сите заинтересирани да дојдат, во живо да ги видат големите гастрономски мајстори и да вкусат од нивните јадења! Поттикнати и охрабрени од извонредните реакции од светските гастро-авоторитети за организацијата од минатата година, задоволство ми е да најавам дека и оваа година настанот го носиме на рамниште погоре. Со несебичната поддршка од WACS, натпреварувањето е со предзнак – Континентално, што дефинитивно значи етаблирање на ГастроМак, на Македонија и на градот домаќин – Струмица, за ѕвезди на светската гастрономска мапа. Сите ние најавуваме петдневен настан за паметење!”, изјави Адријана Алачки, претседател на ГастроМак.

На ГастроМак Македонија 2018, под мотото „Залче од светските вкусови!”, најавено е присуство на триста учесници – натпреварувачи, над стотина врвни светски судии, мастерклас предавачи и почесни гости од над триесетина земји од сцел свет: од Монголија и Кина, Индија и Кореја до Мексико.

- Advertisement -

„Претставува голем предизвик и одговорност да се биде повторно домаќин на неколку стотини гости од триесеттина земји од целиот свет, но јас сум убеден дека хотелот ’Вила Парк‘ и Општина Струмица, повторно ќе го положат испитот на добри домаќини. Можноста да се спојат светските вкусови со вкусот на нашето поднебје и различните култури со културата на нашето живеење, како и запознавањето на гостите со убавините на Струмица и Македонија, е за секакво поздравување, па поради сево ова, Општина Струмица и годинава е финансиски и морален поддржувач на овој интернационален гастрономски натпревар. Ги повикувам сите сограѓани, од денес до 11. октомври да уживаат во содржините на оваа манифестација и во специјалитетите на големите светски кулинари”, изјави градоначалникот на Општина Струмица, Коста Јаневски.

Освен тридневната натпреварувачка програма во 33 категории, во категориски турнуси на 10 готвачки боксови, настанот има и богата дополнителна програма. Тука спаѓаат Интернационалниот семинар за лиценцирани WACS судии, потоа исклучително богата листа на Мастеркласови и презентации од четириесетина врвни кулинарски ѕвезди, како и туристички тури за подобро запознавање на

- Advertisement -

странските гости со убавините на Струмица и Македонија и воведување во спецификите на македонската традиционална кујна.

„Ако минатата година и не бевме баш свесни во што влегуваме и што значи едно вакво континентално гастрономско натпреварување, сега точно знаеме што нè очекува и што се бара од нас. Да имате неколкудневни гости од калибарот на Изток Легат, Стево Карапанџа, потоа шефот со мишелин ѕвезди – Џорџо Дијана и други имиња од светската гастро-сцена, рамо до рамо со нашите готвачи и персонал, е многу голема работа. Ние сме подготвени повторно да бидеме добри домаќини и повторно да ги испратиме сите со прекрасни впечатоци од тука”, изјави Иван Спасов, менаџер во хотелот Вила Парк.

Натпреварувачките денови се 9, 10 и 11 октомври (вторник, среда и четврток), ќе се одвиваат во посебно подготвениот простор во Централната сала на Хотелот Вила Парк, на првиот кат. Со оглед на тоа што настанот е целосно од отворен карактер и сите заинтересирни ќе можат одблиску да ги видат на дело светските гастрономски експерти, но и да пробаат од подготвените јадења. Во ГастроМак велат: Сите се поканети и добредојдени да вкусат “Залче од светките вкусови”!

Сподели!
- Advertisement -