Неодамна Европската Банка за обнова и развој одобри кредит во износ од 10 милиони евра на Шпаркасе Банка Македонија за кредитирање на инвестициски проекти во македонските мали и средни компании со крајна цел- подобрување на нивната конкурентност
Користењето на оваа кредитна линија ќе се одвива по регуларните процедури за кредитирање на Шпаркасе Банка Македонија, а каматната стапка зависи од повеќе фактори меѓу кои и кредитниот рејтинг на клиентот. Уникатноста и атрактивноста на оваа кредитна линија е во грант компонентата, која всушност ја покрива каматата за истиот. Повеќе детали за истата ни даде Петар Трпески, директор на Сектор за управување со корпоративни клиенти.
Разговараше- Верица Јорданова
Кажете ни повеќе детали за најновата кредитна линија на Шпаркасе Банка која штотуку почнува да се реализира?
Кредитната линија обезбедува финансиска подршка преку кредитирање со компонента од неповратен грант, а е концепирана да опфати широк опсег на деловни субјекти. Основниот предуслов за користење е да постои инвестиција со помош на која фирмата ќе ја подобри својата конкурентност и усогласеност со директивите на ЕУ во делот на заштита на околината, безбедност на вработените, подобрување на квалитетот на производите, итн. Конкретно, за финансирање со оваа кредитна линија се квалификуваат инвестиции во индустриски објекти, опрема, софтвер, унапредување на системите за управување, или било какво друго унапредување на работењето.
За оваа цел, компаниите треба да имаат детално разработен деловен план, врз основа на кој ќе може да се потврди адекватноста на инвестицијата.
На кого всушност се однесува оваа кредитна линија?
Примарно, за оваа кредитна линија може да конкурираат сите правни лица со годишни приходи до 50 милиони евра, вкупен износ на средства до 43 милиони евра и кои вработуваат до 250 вработени. Може да се каже дека доминантниот дел од компаниите во Македонија влегуваат во овие рамки.
Сепак, иако станува збор за кредитна линија од ЕБОР, разгледувањето и селекцијата на барањата за кредитирање Шпаркасе Банка Македонија ќе го извршува врз основа на сопствените групациски стандарди кои се однесуваат на кредитниот ризик. Во таа насока, клиентот првично треба да ги исполнува условите за кредитирање на Банката, а потоа и да биде прифатен од консултантите на ЕБОР.
По одобрувањето на проектот (од Банката и консултантите на ЕБОР) кредитот наменски се исплаќа според динамиката на деловниот план, а клиентот треба навремено да ги извршува обврските кои произлегуваат од договорот за кредитирање склучен со Банката. Откако ќе заврши имплементацијата, завршениот проект/инвестиција се верификува од страна на консултант на ЕБОР, по што следува исплаќање на грантот на сметката на клиентот. Поточно, клиентот го добива грантот како износ на рефундирани парични средства на сопствената сметка, а кредитот продолжува да го сервисира согласно со амортизациониот план утврден со договорот за кредит.
За колкав износ на кредити станува збор?
Износот на поединечното кредитирање е ограничен до 1 милион евра, додека целата кредитна линија е во износ од ЕУР 10 милиони. Наспроти ограничениот износ на кредитната линија, постои голем интерес на домашните правни лица за користење на овој извор на финансирање, имајќи ги во предвид бенефитите. Илустративно, грант компонентата, во зависност од рокот на кредитот, може да обезбеди покривање на трошоците на финансирањето и дел од инвестицијата. Дополнително, компаниите можат да користат консултантски услуги во текот на целиот процес, како и да добијат релевантни информации за европскиот пазар и последните трендови во нивните дејности.
[quote]Грант компонентата, во зависност од рокот на кредитот, може да обезбеди покривање на трошоците на финансирањето и дел од инвестицијата.[/quote]
Кредитот на ЕБОР е поддржан со €1,5 милиони грант од ЕУ, од Инструментот за пред-пристапна помош (ИПА). Финансирањето на ЕБОР за Шпаркасе Банка Македонија ќе биде насочено кон надградба на производните капацитети за подобрување на конкурентноста на локалните компании, а најмалку 60% од фондовите ќе бидат насочени кон намалување на потрошувачката на енергија и ресурси, и поврзаните трошоци.