Претставници на владите на Русија и Србија во Белград потпишаа меѓувладин договор за соработка во реализацијата на заеднички проекти на полето на мирољубиво користење на нуклеарната енергија и изјава за стратешко партнерство на двете земји во изградбата на центар за нуклеарни науки, технологија и иновации, соопшти руската државна нуклеарна агенција Rosatom.
„Меѓувладиниот договор воспоставува широк спектар на соработка на двете земји, вклучувајќи и поддршка во создавањето и унапредувањето на инфраструктурата за нуклеарна енергија во Србија; проектирање, изградба и модернизација на нуклеарни реактори; развој на нуклеарна медицина; спроведување на основни и применливи истражувања на полето на нуклеарната енергија; развој на иновации, нови технологии и модерни дигитални технологии; примена на технологијата на зрачење во земјоделството и индустријата; образование, обука и дополнителна обука за експерти на полето на нуклеарната индустрија“ се вели со соопштението.
Договорот го потпишаа во присуство на претседателите на Русија и Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ, генералниот директор на Rosatom, Алексеј Лихачев и српскиот министер за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ.
Лихачев изјави дека Србија има уникатен потенцијал и искуство во развојот и користењето на нуклеарните технологии и дека идентификувале проекти кои ќе ја комбинираат професионалната и техничката компетентност на двете земји, а пред се проектот за изградба на центар за нуклеарни науки, технологија и иновации, кој ќе биде платформа за соработка во целиот регион на централна Европа.
Тој додаде дека сите проекти ќе бидат во согласност со највисоките стандарди за нуклеарна безбедност и ќе ја земаат предвид централната улога на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) во дефинирањето на тие норми и стандарди.