Земјите од Западен Балкан продолжуваат со заложбите за дополнително намалување на цените за роаминг, активност која ја водат повеќе години помеѓу регулаторните тела за електронски комуникации, но и на повисоко министерско ниво. Сега, од Брисел пристигна нова заложба од страна на Регионалниот совет за соработка (РСС).
Целта е да се постигне нов договор во април годинава, за веќе од летните одмори односно од јули на сила да стапи новото намалување на цените на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан. Според перспективите роаминг не би се плаќал од 2021 година, порача денеска во Брисел генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу.
– Ако сакаме луѓето да го препознаат вистинското влијание на нашите напори за промоција на регионалната соработка, тогаш овој договор треба да го потпишеме во април, изјави Брегу.
Додаде дека на ЕУ и требаа десет години да го воведе концептот „роаминг како по дома“, додека земјите од Западен Балкан имаат амбиции и храброст ова да го завршат за две и пол години.
– Вредноста на новиот регионален договор лежи во фактот дека ќе има директно и моментално влијание и ќе донесе заштеда за сите граѓани на Западен Балкан, рече Брегу.
Македонија активно учествува во овие преговори кои започнаа уште пред две години во организација на РСС, оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.