Предизвиците и искуствата за националната економија во пресрет на процесот на отпочнување на преговорите за влез на земјата во Европската Унија, ќе биде главната тема на дискусија на регионалната конференција во организација на Сојузот на Ротари клубови на Република Северна Македонија, што ќе се одржи на 5 април во хотелот DoubleТree by Hilton во Скопје, со почеток од 10 часот.
Во духот на ротаријанството, целта на конференцијата е преку размена на искуства да се создаде поголема соработка и поттикнување на сите чинители во општеството да дадат свој придонес во процесот на пристапување на земјата во ЕУ.
Конференцијата ќе ја отвори Зоран Тодоров, координатор на Сојузот на Ротари клубови на Северна Македонија, а свое обраќање ќе имаат и Јанез Липец, гувернер на Дистриктот 1912, каде што припаѓаат и Ротари клубовите од земјава, како и Марјан Булат, координатор на Ротари зоната 19Р.
На конференцијата ќе се обрати и претседателот на Владата, Зоран Заев, како и амбасадорот на Република Словенија, Милан Језбец.
За искуствата на земјите во регионот и предизвиците на националните економии во пресрет и по влезот на ЕУ ќе зборува Благој Климов, раководител на канцеларијата за трговско-економски односи на Република Бугарија, aДамир Кудер, член на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје ќе зборува за словенечкото искуство. Чекорите што биле преземени во овој процес во Хрватска ќе ги пренесе консултанткатаМарија Туфегчиќ. За состојбите во македонската економија и начинот на кој се прават подготовките пред добивањето на датумот за преговори за влез во ЕУ ќе зборува проф. д-р Ванчо Узунов, надворешен советник на претседателот на Владата.
За потенцијалот за раст и ризиците за националната економија ќе зборуваат Фрик Јанмат, шеф на економскиот одел на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, ќе ги претстави ставовите на бизнис заедницата во земјава. Покрај нив, дел од овој панел ќе бидат и Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи и Фатмир Бесими, надворешен советник на претседателот на Владата за европски прашања и координација за економски раст.
За енергетиката како стратешки сектор на националната економија и потенцијалите за раст и прилагодување кон стандардите на ЕУ во процесот на пристапување ќе зборуваат Марко Бислимовски – претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Северна Македонија, Штефан Петар – претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Роберт Шпендел – технички директор на Аквалаб од Словенија и Исток Селјак – координатор на Зелена енергија Проект Едисон од Словенија.