Маја Милошевска: Произведуваме 8 тони органски сок од аронија. Следна цел ни се странските пазари!

- Advertisement -

Маја Милошевска е преубав пример од новата генерација македонски менаџери. Вљубена во производите кои ги произведува семејната фирма  “Биомелан продукт“ од Струга, амбициозна во намерата да освојува странски пазари и отворена за преземање предизвици. Со Маја се запознавме неодамна и решивме да ја споделиме инспиративната приказна за бизнисот на нејзиното семејство. Целосно природните и органски производи од аронија веќе се докажани на македонскиот пазар. Следува освојување на нови пазари!

Разговараше: Верица Јорданова

„Аронијата е наша семејна љубов. Се започна од првите насади на аронија кои ги направи таткото на Маја во селото Драслајца во Струшкото Поле, локација која се покажала идеална за одгледување на малите, темносини бобинки со неверојатни здравствени придобивки. Нашата ароија има навистина специфичен вкус со неверојатна блажина. Во последно време кога се претставуваме на странски саеми за храна, ги нудиме нашите потенцијални клиенти да ја пробаат нашата свежа аронија за да се уверат дека блажината на природно цедениот сок доаѓа навистина од самиот плод а не од шеќер“, со љубов раскажува Маја за продуктот кој е основа на нивниот бизнис.

- Advertisement -

Како се роди брендот „Биомелан“?

Насадите со аронија ги имаме веќе осум години, а производството на сокови почна пред три години. Најпрвин почнавме со производство на сок само од аронија, а потоа почнавме да произведуваме и мешани сокови од аронија и јаболко и аронија и грозје. Производството на сокови дојде како логична реакција на тешкиот пласман на свежа аронија, па наместо да ја пласираме како суровина, решивме да почнеме да правиме производи од неа. Секако, и цената е подобра отколку да продаваме како суровина. Бизнисот е семеен и сите сме активно вклучени во се, од берба, сечење и косење до самиот процес на производство.

- Advertisement -

Колкава количина сок произведувате на годишно ниво?

- Advertisement -

Моментално произведуваме околу 8 тони сок годишно од 7,5 хектари насади. Насадите и процесот на производство се сертифицирани како органски. Насадите се на државно земјиште под закуп, а погоните за производство се наша сопствена инвестиција на наше земјиште. Чистиот сок од аронија е целосно органски, а комбинациите со јаболка и грозје не се целосно органски. Станува збор за ладно цеден сок без шеќер, вода или конзерванси. Значи, целосно природен, органски сок. Македонската аронија е изненадувачки блага аронија. Во принцип, клиентите не знаат дека може да има толку блага аронија. Тоа е главно затоа што во Македонија имаме голем број сончеви денови па затоа вкусот на сокот е изненадувачки благ и нетипичен за аронија.

Зошто од самиот почеток на одгледување аронија се одлучивте за органско производство? Дали заради фактот што органската храна е поската од конвенционалната и нејзината побарувачка постојано расте?

Аронијата не бара посебен третман или прскање со хемикалии за убав род. Станува збор за отпорно растение. Заради повисоката цена одлучивме да почнеме со органска аронија. Органската исхрана е европски и глобален тренд. Од самиот старт идејата беше да пласираме во Европа, а не да останеме во рамките на Македонија.

Кои се ограничувачки фактори во поглед на извозот и пласманот со кои се соочувате?

Најпрвин проблем е цената зашто ваквиот сок без додаток на шеќер, вода и конзерванси е поскап. Проблем е што свеста дури и во Австралија не е на такво ниво за да платат толку повисока цена од останатите производи. Секогаш има сомневање кај купувачите дали сокот навистина е органски и зошто би платиле толку многу.

Сертификатите дека се работи за органски производ се задолжителни, а вообичаено се бара и потврда за исправноста на самиот производ што подразбира правење на редовни лабораториски испитувања. Секако, со ваквиот начин на работа се заштитуваме и ние како прозводители, но процесот на пласман на производот е доста подолг и поскап.

Значи осум тони сок од аронија “Биомелан“ засега целосно се пласираат на домашниот пазар?

Сега засега да, се продаваат само во Македонија. Од домашниот пазар почнавме да си ги увидуваме и грешките за понатаму. Во секој случај подобро е да ги научиме грешките дома отколку на некој странски пазар, каде што тоа многу би не чинело. Досега сме немале никакви проблеми во врска со производот. Сме немале незадоволен купувач. Проблемот во Македонија е високата цена. Мора да им објасниме на купувачите дека не станува збор за обичен производ кој се пие како секој друг сок, туку дека е лек кој се пие во одредена количина.

Ова кажува дека за правилен пласман и продажна на производот неопходна е и соодветна едукација?

Нема посебна едукација. Сите што не контактираат преку социјалните мрежи или преку некој друг канал, добиваат соодветна информација која е одредената доза што треба да се конзумира. Исто така, важно е да ги едуцираме потрошувачите дека 100% природниот органски сок од аронија е поскап од останатите сокови од аронија, но дека цената и не е толку висока во споредба со некои лекови за подобрување на имунитетот и крвната слика.

Кој, зошто и колку би требало да пие сок од аронија?

Најчесто, купувачите во Македонија го купуваат сокот поради слабокрвност, инаку целиот организам има огромни придобивки од сокот. Може да се пие за подобрување на имунитетот, за шеќер во крвта, мигрена, вени, срце. За секакви здравствени проблеми може да се пие како природен сок. Препорачана максимална доза е 200 милилитри на ден. Тоа не значи дека ако испиете, на пример, 300 мл би имале штетни последици затоа што организмот ќе го употреби само она што му е потребно, а се друго ќе исфрли. Доколку го пиете заради општо здравје, дозата треба да биде помала – околу 100 мл. За деца таа доза е голема и за нив е доволна околу една лажица во денот. Јас најчесто препорачувам ако прв пат се пие, да се промеша со малку вода или со некој друг природен сок. Мене омилена комбинација ми е половина чаша цеден сок од цитрон и половина чаша сок од аронија наутро. Тоа е одлично за енергија, како еден вид витаминска бомба. Треба да се биде претпазлив затоа што сокот може да биде тежок за желудникот. Може да се случи кај луѓе со почувствителен желудник да се јави гадење, кое поминува за 15 минути. Од смрзнатата аронија, пак, во текот на денот е доволна една рака аронија. Другите комбинации што ги имаме, аронија и јаболко и аронија и грозје, може да се пијат како и секој сок затоа што сокот аронија и јаболко има 30% аронија, додека аронија и грозје има 20% аронија.

Каде го гледате „Биомелан“ во иднина?

Во план ни е да видиме каква ќе биде реакцијата на купувачите на комбинација аронија со некое друго овошје или зеленчук како што е цвеклото. Мене ми беше многу интересна комбинација кога го пробав, па сакам да видам дали на ист начин ќе го примат и купувачите.

Секако, амбициозен план ни е продорот на други пазари и на други континенти. Доколку се отворат нови пазари, спремни сме за инвестиција во нова опрема и во нови насади затоа што имаме земјоделска површина за тоа.

Која е вашата главна сатисфакција од овој бизнис?

Мене ме радува кога купувачите ни се јавуваат на телефон да ни кажат колку им помогнал нашиот сок. Тоа ни дава поттик да работиме уште понапорно. Нема ништо подобро од задоволни клиенти. Имало моменти кога сум сакала да се откажам, ми било тешко, се случувале секакви проблеми, но токму во тој момент се јавувал некој задоволен клиент.

Растењето здрави генерации за нас е врвна цел и затоа во октомври минатата година во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дониравме сок од аронија во Клиниката за детски болести и во СОС Детското село.

Сподели!
- Advertisement -