Истражувачи создадоа т.н. „метално дрво“ кое е цврсто како титаниум, но е доволно лесно да лебди во вода. Засега тие можат да произведат само мала количина од ова „метално дрво“, но ако откријат начин да произведуваат поголеми количини одеднаш, овој материјал може да го смени нашиот свет каков што го познаваме.
Истражувачите од Универзитетот Пенсилванија, Универзитетот Илиноис и Универзитетот Кембриџ неодамна објавија студија во која детално опишаа како го создале „металното дрво“. Најпрвин тие потопиле мали пластични сфери во вода. Потоа ја испариле водатапоради што сферите остануваат во одредена шема, па користеле процес наречен галванизација за да ги полеат сферите со никел. На крај тие искористиле растворувач за да ја растворат пластиката од сферите и да остане никелот.
Околу 70% од материјалот кој се добива на крај е празен простор, но малата густина е карактеристиката поради која е сличен на дрвото. Научниците го нарекле „метално дрво“ и поради клеточната природа. Клеточните материјали се порозни. Моментално на истражувачите им треба еден ден за да направат едно парче од овој материјал со големина на поштенска марка, но ако успеат ефективно да го скалираат процесот, потенцијалот за употребата на овој материјал е неограничен.
Архитектите ќе може да го користат за да дизајнираат згради со помала тежина, производителите на електроника ќе можат да ги направат електронските уреди поиздржливи и истовремено полесни. Ако порите во материјалот се исполнат со хемикалии, истражувачите можат да го трансформираат материјалот и во лесни батерии кои може да се полнат.