Облаците кои зад себе ги оставаат авионите се во центарот на ново истражување кое ја анализира улогата на тие облаци во климатските промени. Како што авионите се искачуваат на поголеми висини тие освен што испуштаат издувни гасови, зад себе испуштаат пареа која формира облаци. Додека најголем дел од таквите облаци брзо се растураат, други ја задржуваат формата со часови и ја загреваат атмосферата.
Германскиот ареолошки центар искористи широко прифатени климатски модели за да предвиди каков ефект ќе имаат тие облаци во текот на наредните децении. Според тие модели, ефектите на облаците врз глобалното затоплување може трикратно да се зголемат до 2050 година. Оваа стапка на пораст е многу повисока од емисијата на стакленички гасови. Всушност, ефектот на стаклена градина кој го создаваат облаците е многу поголем од ефектот на емисијата на јаглерод диоксид.
Авиоиндустријата се очекува да порасне четирикратно во текот на наредните децении и новите авиони ќе летаат повисоко од сегашните. Тоа значи дека облаците кои ќе ги создаваат тие веројатно ќе останат во атмосферата подолго, особено во тропските области, каде што временските услови го продолжуваат животот на облаците. Иако облаците кои се поблиску до Земјата ја разладуваат атмосферата, тие што се повисоко ја апсорбираат термалната радијација од Земјата и ја загреваат атмосферата.