Ристе Гошевски од Валандово прoизведува 100% сок од калинка „Кувет“, следен чекор е вино од калинка!

- Advertisement -

„Кувет“ 100 проценти калинка е нов македонски бренд кој веќе две години е присутен и се гради на нашиот пазар. Карактеристична за југоисточниот дел од нашата земја, калинката е овошје со голем потенцијал, кој го препозна бизнисменот Ристе Гошевски, основач на фирмата „Тера мегдан“ од село Раброво, Валандово. Резултат од тоа е чист, еколошки сок, направен од домашна суровина.

Калинката како овошје со особено изразени здравствени својства и придобивки моментално е тренд во светот на супер храната. Ова овошје има вековна традиција во валандовскиот крај, присутна е во песните, приказните, симбол е и на знамето на општината Валандово. Ристе вели дека кога ќе создадеш производ, кој влече генеричко потекло од сопствениот крај, чувството е повеќе од прекрасно. Ако идејата придонесува и на локалната економија, тогаш приказната заслужува максимален влог, со цело срце и енергија.

За Иновативност, Гошевски ја раскажува приказната за валандовскиот сок од калинка, но и за плановите од овој крај да се развијат уште неколку еколошки брендови: сиров мед, маслинки, како и вино и оцет од калинка.

- Advertisement -

Разговараше- Сања Наумовска


Г-дин Гошевски, раскажете ни ја приказната за „Кувет“ 100 проценти калинка, к
ако дојдовте на идеја да произведувате токму сок од калинка?

- Advertisement -

Сокот од калинка е автентична валандовска приказна! Валандовскиот регион е познат по неколку медитерански автохтони овошки, особено калинката, смоквата и јапонското јаболко. Досега, за жал, калинката, како најпрепознатливо овошје од овој крај, освен како суровина во изворна форма, ја немаше како преработка, иако во светот постојат огромен број на производи на база на ова благородно овошје.
Моето семејство има долга традиција во одгледување калинки. Зад приказната за Кувет сокот од калинка стои тим, но идејата на приказната е лична.

Пред неколку години, кога се уште бев студент, поради неорганизираниот откуп, не можев да ги продадам калинките. Почнаа да калираат, и ќе беше огромна штета да дозволам да скапуваат. Со рачна цедалка за лимон и многу труд направив сок, го спакував во шише и го замрзнав. Така почна мојот бизнис. Оттогаш наваму, секоја година го зголемуваме производството, но ја унапредуваме и технологијата. Минатата година, по многу истражувања, анализи и напори најдовме начин сокот од калинка да остане во трајна форма без да го изгуби препознатливиот вкус.

- Advertisement -

„Кувет“ е 100 отсто сок од овошје, кој не содржи воопшто вода, дополнителни шеќер, конзерванси, вештачки бои или ароми. Анализите за сокот, како и неговите својства ги правиме во Турција, во една од најдобрите лаборатории.

„Кувет“ од калинка е нов бренд, кому му треба време и маркетинг за да се пробие. Кои се вашите планови за развој и настап на пазарите?

Првпат на пазарот излеговме минатата година, со две пакувања, од 200 милилитри и од еден литар. Првичниот капацитет ни е производство на пет до шест тони сок годишно, но оваа есен планираме значително зголемување на капацитите. Досега немаме користено средства од фондови, но со плановите за зголемување на капацитетите и производството ќе претендираме за финансиска поддршка преку ИПАРД, croudfounding платформите или друг вид на финансирање на нашите инвестициски активности. Во план е иградба на новиот погон за кој веќе добивме одобрение за градба.

Дали новите инвестиции ќе обезбедат и количини за извоз на странските пазари?
Веќе споменав, во моментов имаме два вида на производи на Кувет сокот од калинка , тоа е ХО-РЕ-КА линијата со мало шише од 200 милилитри и литарското пакување во кое се продава во неколку ланци на маркети во земјава. Секако, планираме извоз во странство, а во моментов сме во проговори со неколку земји, меѓу кои и една прекуокенаска. Тој чекор во голема мера ќе го детерминира курсот по кој ќе се движиме во иднина.

Кои се вашите планови во иднина, дали планирате да го проширите производството и со сок од други овошја?

Не, нашите планови не се поврзани со други овошја, но планираме нови производи од калинките. Ќе правиме вино и оцет од калинка (класичен и балсамик). Оцетот од калинка е многу ценет во светските гастрономски кругови, неговите благотворни состојки и уникатниот вкус се веќе традиционален вкус, како на Блискиот Исток, така и во Европа. Виното од калинка исто така е тренд, Израел, на пример, има бутик винарии кои продаваат исклучиво вино од калинка и кои се дел од туристичките мрежи на винскиот туризам.

Ние произведуваме и „Кувет“ сиров мед (raw honey), кој е анализиран и сертифициран од QSI Bremmen, Германија, најдобра светска лабораторија за пчелни производи. За неколку месеци ќе излеземе и со уште еден нов производ , „Кувет“ маслинка, правена по домашна рецептура. Исто така, планираме да отвориме и бутик organic bio shop за туристички тури и посети, кој ќе биде сместен кај нашите насади во околината на село Раброво.

Од каде ја набавувате суровината? Има ли Македонија доволно производство на калинка?

Ние претендираме нашите производи да се сертифицирани и како органски, но и како производи со строго контролирано географско потекло. Заради тоа имаме сопствено прозводство на суровина и свои кооперанти. Насадите се влезени во постапка за органска сертификација. Калинката е органски производ, кој не се третира ниту со пестициди, хербициди, инсектициди, ниту со други хемиски средства.

Особено не радува фактот дека минатата година, кога ние и други помали производители на сок отпочнавме со откуп на калинката, производителите почнаа да ги продаваат и калинките од втора и трета класа, кои се со ист квалитет, но без можност за пласман на пазарот поради големината, формата или некое друго физичко оштетување, кое не влијае на квалитетот на плодот.

Во Валандовскиот крај има тенденција на враќање на насадите со калинки, кои во минатото беа напуштени и ископачени, и за подигање на нови насади со квалитетни сорти. Се надевам дека напоредно со зголемувањето на насадите на нашите партнери и кооперанти ќе се зголемуваат и нашите капацитети, за да можеме заедно да се следиме во чекор, кон поголем развој и раст на оваа благородна гранка.

Сподели!
- Advertisement -