Tengai е шведски робот дизајниран да спроведува непристрасни интервјуа за работа. Роботот и помага на општината Упландс-Бро во регионот на Стокхолм да ја оствари целта и да може да вработува без дискриминација. „Се што сакаме да знаеме е кои вештини ги имаат кандидатите за работа. Не не интересира какви хобија имаат, какви им се односите во семејството, нивната возраст ниту што било друго кое може да создаде погрешна слика за личноста“ велат од општината.
Оттаму додаваат дека ова е логичен чекор напред откако почнале да вработуваат без барање кратка биографија од кандидатите и процесот на аплицирање го направиле анонимен. Роботот го направи стартапот Furhat Robotics од Стокхолм, кои четири години работеле на интерфејс кој ќе ги имитира човечкиот говор и експресиите на лицето. Во соработка со компанијата за регрутирање ТNG, Tengai им поставува прашања на кандидатите за работа во почетните фази од процесот на интервјуирање.
Роботот ги игнорира факторите како возраст, пол и етничка припадност и не им суди на луѓето според тонот на нивниот глас или дијалектот на кој говорат. Прашањата секогаш ги поставува на ист начин, по истиот редослед, па така интерјуата се фер кон сите кандидати. Tengai им дава и фидбек на кандидатите со климање или насмевнување за да ги охрабри да ги објаснат своите одговори.
Потоа транскрипт од интервјуата добиваат регрутерите и менаџерите, кои врз основа исклучиво на одговорите на кандидатите одлучуваат дали кандидатот ќе оди во наредната рунда интервјуа или не. Бидејќи Tengai не разговара со кандидатите пред или после интерјуто, не може да носи претпоставки врз основа на некои дополнителни информации.