Компанијата Virgin Galactic на милијардерот Ричард Бренсон ја претстави внатрешноста на вселенското пристаниште Gateway to Space, од кое вселенските туристи наскоро ќе почнат со суборбитални летови со помош на вселенското летало SpaceShipTwo, кое во вселената ќе го лансира авионот WhiteKnightTwo.
Компанијата со ова порачува дека е подготвена за првите туристички вселенски операции, кои би требало да започнат кон крајот на оваа или на почетокот на идната година. Зградата на вселенското пристаниште Gateway to Space се наоѓа во рамките на вселенскиот центар Spaceport America и содржи простории за престој, за забава и тренинг на идните астронаути аматери, како и простории за управување со мисиите, како што можете да видите од видеото подолу.
На списокот со 600 патници кои веќе купиле свои билети за вселенски летови има и Хрвати, а тоа задоволство ги чинело 250.000 долари, иако Бренсон се надева дека цените наскоро ќе паднат на околу 40.000 долари. За тие пари ќе добиете полн пансион во луксузното вселенско пристаниште, тридневен астронаутски тренинг и суборбитлен лет до висина од помалку од 100 км. Таму неколку минути ќе можете да уживате во бестежинска состојба и во величествениот поглед на нашата планета, а потоа вселенскиот авион треба да ве врати на Земјата.
Gateway to Space се состои од три ката. Првиот кат се вика Gaia и е друштвен центар со кафуле, ресторан и простории каде што персоналот, патниците и нивните семејства можат да се дружат. Вториот кат се вика Cirrus и е наменет за контрола на мисиите. Во него се наоѓаат инженерите за летање, пилотите, собите за брифинг и сета техничка и комуникациска опрема за спроведување на мисиите. На третиот кат, пак, се наоѓаат просториите за престој на астронаутите.
Покрај тоа, Gateway to Space содржи и хангар каде што ќе бидат сместени два авиони-носачи WhiteKnightTwo со распон на крилата од 45 метри и пет SpaceShipTwo вселенски летала.