Озонската дупка годинава е најмала во последните 30 години

- Advertisement -

Озонската дупка над Антарктикот годинава би можела да биде најмала во последните 30 години, велат научниците. Анализата на распаѓањето на тој гас високо во атмосферата покажува дека годинава не е толку голема како што е вообичаено овој период од годината.
Европската агенција за следење на атмосферата Коперник вели дека големината на дупката е речиси дупло помала отколку што е вообичаено за месец септември. Експертите од агенцијата сместена во Ридинг, Велика Британија, очекуваат во текот на идните денови постабилно ниво на озонот или слаб пад.
Озонот е молекула која се состои од три атоми на кислород и е одговорна за филтрирање на штетното ултравиолетово зрачење на сонцето. Гасот се создава и се распаѓа во стратосферата, на 20-30 километри над Земјата. Во чистата атмосфера циклусот на производство и распаѓање е во рамнотежа, но балансот го пореметуваат хемикалиите кои содржат хлор и бром, што резултира со пад на концентрацијата на озонот, односно озонска дупка, а тоа е најсериозно во антарктичкиот прстен во септември и октомври.
Протоколот потпишан во Монтреал во 1987 година има за цел да ја подобри ситуацијата така што забранува производство и употреба на хемикалии кои најмногу ја оштетуваат озонската обвивка.Озонската дупка минатата недела изнесуваше 5 милиони квадратни километри, а во истиот период лани дури над 20 милиони квадратни километри. Во 2017 година се простираше на 10 милиони квадратни километри, што значи дека варира од година во година, но годинава дефинитивно е најмала во последните 30 години.

Сподели!
- Advertisement -