Првиот Demo Day на X Фактор Акцелератор ќе се одржи на 25.09.2019 година (среда) со почеток во 14ч., во хотел Гардениа во Велес, како завршна активност од предакцелераторската програма, по која Комитетот за одобрување инвестиции ќе треба да донесе финална одлука за инвестирање во рамките на првиот инвестициски циклус.
Во првиот циклус аплицираа 50тина апликанти, од кои низ процесот на евалуација, кој финишираше со испорака на интензивна тримесечна предакцелераторска програма, се селектираа 8 стартап – тимови за учество на претстојниот Demo Day.
Тие ќе имаат шанса да ги презентираат своите бизнис – идеи пред членовите на Комитетот за одобрување инвестиции, но и пред останати релевантни чинители и соработници на X Фактор Акцелератор (претприемачи, инвеститори, медиуми, ментори и др.).
По завршувањето на официјалниот дел, ќе следува доделување Сертификати за сите учесници во првата предакцелераторска програма, како и забавен дел за меѓусебно вмрежување.
X Фактор Акцелератор од Велес е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој е основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси.
Целта е да се поттикне и регионалното претприемништво преку раздвижување на стартап сцената и надвор од главниот град. За таа цел, во период од 30 месеци се предвидува имплементација на акцелераторската програма „Заедно растеме“, со која ќе се обезбеди нѐ само едукативна, туку и финансиска поддршка за развој на почетни иновативни бизниси, кои имаат голем потенцијал за раст. При тоа, во овој период се предвидени два инвестициски циклуси, во кои се очекува, со почетни инвестиции од максимум 30.000 евра да се финансираат најмалку 10 атрактивни стартапи, а неколку од нив кои се со најголем потенцијал за раст, ќе се финансираат со дополнителни средства од максимум 70.000 евра и во фазата на понатамошни инвестиции.
Проектот за негово стартување е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Светска банка, преку инструментот за поддршка – кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно – технолошки акцелератори.
Седиштето на акцелераторот е во строгиот центар на општина Велес, на ул. Борис Карпузов број 1, во деловни простории специјално опремени и дизјнирани за потребите на неговите корисници.
Подетални инфо за целиот проект, може да се пронајдат на официјалната веб – страна на X Фактор Акцелератор, www.xfacc.mk.