Бројот на богати Кинези по прв пат го надмина бројот на богати Американци, иако и двете земји продолжуваат да „произведуваат“ се повеќе милионери, покажа најновото истражување на Credit Suisse. Годишниот „Извештај за глобално богатство“ на швајцарската банка покажа дека 100 милиони Кинези до средината на годинава биле рангирани во топ 10% од најбогатите луѓе во светот, наспроти 99 милиони луѓе во САД.
„И покрај трговските тензии меѓу САД и Кина во текот на изминатите 12 месеци и двете земји оствариле силни резултати во зголемување на богатството, со придонес од 3.800 милијарди долари и 1.900 милијарди долари“ велат од Credit Suisse.
Бројот на милионери во светот од средината на 2018 до средината на 2019 година е зголемен за 1,1 милиони на 46,8 милиони, кои заедно поседуваат нето-имот вреден 158,3 милијарди долари, што е 44% од вкупното глобално богатство, покажаа последните студии.
Од 1,1 милиони нови милионери, дури 675.000, што значи повеќе од половина доаѓаат од САД. Истовремено, бројот на милионери во Австралија е намален за 124.000, во Велика Британија 27.000, а во Турција за 24.000. Во извештајот се заклучува дека 55.920 возрасни личности поседуваат богатство од најмалку 100 милиони долари, додека 4.830 имаат нето-имот во вредност од над 500 милиони долари.
Се прогнозира дека и глобалното богатство, кое е зголемено за 2,6% во изминатата година, ќе порасне за 27% во наредните пет години, на 459 милијарди до 2024 година. Бројот на милионери, исто така, ќе порасне во тој период на речиси 63 милиони.