Научниците се обидуваат да пронајдат нови облици на производство на енергија за да ја намалат зависноста од фосилните горива и да ја намалат емисијата на стакленички гасови. Понекогаш решенијата ги бараат на не баш вообичаени места. Една од методите на кои работат и која при тестирањата се покажа навистина ефикасна, е поставувањето на тенки мембрани меѓу солената и слатката вода, а се базира на осмоза.
Кога солта, која се состои од групи позитивно и негативно наелектризирани честички, ќе се стопи во водата, доаѓа до разделување на тие групи честички на поединечни негативно и позитивно наелектризирани честички. Со поставување на тенките мембрани и поминувањето на честичките низ тие мембрани доаѓа до настанување на електрична енергија. Но, проблемот е што таквата метода не е премногу ефикасна затоа што мембраната со тек на време станува пропустлива и честичките можат да тргнат во погрешен правец, а со тоа се губи ефикасноста.
Исто така, моментално проблем се и високите трошоци за таквиот начин на производство на енергија и научниците се обидуваат да пронајдат начин да се намалат трошоците и да се зголеми ефикасноста. Решението кое се покажа успешно, барем на тестовите, е користењето на т.н. Јанус мембрана со две лица, која има различни својства од двете страни затоа што овозможува постојан проток на честички од една страна на друга, спречувајќи ги да тргнат во погрешен правец. Мембраната го добила името по римскиот бог со две лица и може да се направи така секоја страна да има пори со различни големини кои може да содржат различен набој.
Досегашните тестирања се покажале прилично ефикасни и научниците се на добар пат, благодарение на таквите мембрани, во иднина да направат систем за производство на енергија кој ќе биде поефикасен од најголем дел од соларните ќелии и ефикасен како дел од ветерниците. Со поставување на мембрани меѓу солена вода и река успеале да претворат солена вода во употреблива електрична енергија. Тие резултати се многу охрабрувачки, а пред научниците сега лежи предизвикот тие резултати од тестирањата да ги применат во вистински услови.
Ако успеат во тоа, за неколку години новите мембрани би можеле да овозможат напојување со енергија од оддалечени места од бреговите без потреба за користење други извори на обновлива енергија.