Светлана Кордумова: Создадовме македонски софтвер за онлајн пребарување идеална облека кој се користи во Холандија

- Advertisement -

Денес, илјадници каталози на онлајн продавниците нудат неограничена понуда на облека. Да се открие парчето облека кое одговара на вашиот стил или на тоа што сте го замислиле, а да не изгубите драгоцено време, е скриена желба на секој. Тоа е можно со софтверот на компанијата Pixyle основана од Светлана Кордумова – Трајанова, кој се базира на вештачка интелигенција и препознава стотици атрибути (боја, копчиња, модни детали итн.) од модни фотографии, наоѓајќи ја најсоодветната облека од она што го барате.  

Идејата да се спојат модата и вештачката интелигенција, Кордумова – Трајанова ја открила во Холандија, каде го продолжила образованието по студиите на комјутерски науки и информатика на ПМФ. Тука за прв пат се сретнала со вештачката интелигенција и компјутерската визија поврзани со модната индустрија и работела на истражувања поврзани со процесирање на слики. Идејата сето знаење за вештачката интелигенција да го примени во Македонија ја мотивирало минатата година да ја оформи својата компанија Pixyle. Во моментов тимот е составен од осуммина Македонци и Холанѓани, кои работат како девелопери, дизајнери и експерти за data sourcing, маркетинг и бизнис развој и комуникација со клиенти.

- Advertisement -

Во интервју за Иновативност, Кордумова – Трајанова вели дека Pixyle е една од ретките компании која работи со вештачка интелигенција на овие простори, а нивниот софтвер во моментов нема конкуренција на европскиот континет.

Г-ѓа Кордумова – Трајанова објаснете ни подетално за софтверот кој го развива Pixyle?

- Advertisement -

Се работи за софтвер, базиран на вештачка интелигенција, наменет за онлајн продавници кои продаваат облека. Нашиот софтвер им овозможува да вклучат функционалност во визуелното пребарување. Тоа во пракса значи дека купувачот, преку овој софтвер, може да прикачи фотографија од некое парче облека кое му се допаѓа, а софтверот со брзо анализирање на асортиманот на онлајн продавницата, да му го понуди најсоодветното парче облека за него.

Ние не се занимаваме следење на вкусовите на купувачите, туку со вештачката интелигенција развиваме ефикасно решение за персонализиран пристап до купувачите и ефиксаност во пронаоѓање на саканата облека.

На кој начин функционира софтверот?

- Advertisement -

Софтверот од фотографиите, кои ги додаваат купувачите, препознава различни модни атрибути, како на пример бојата, дезените, формата, должината, различните додатоци кои ги има на облеката и други податоци од кои повеќето не се внесени во текстуалниот опис на производот во каталогот на продавницата, но нашиот софтвер ги препознава од фотографиите. Во моментов има повеќе од 200 атрибути со кои се опишуваат производите, бидејќи тоа е една од работите на која особено внимаваме и заради тоа имаме креирано голема база на категории и атрибути. Секојдневно симнуваме информации од интернет за нови можни атрибути кои подетално и поточно ги опишуваат модните парчиња. Тоа е важно бидејќи системите за вештачка интелигенција се толку добри колку што се добри податоците со кои се нахранети.

Каде во моментов се користи системот на Pixyle?

Во моментов софтверот го користи еден клиент во Холандија, Project Ceсe, а таргет пазари ни се Германија, Бенелукс, Швајцарија и Скандинавските држави. Позитивно е што технологијата може да се користи секаде во светот, па затоа ширењето на нови пазари може да продолжи и во иднина. Предноста на Pixyle е што во моментов во Европа нема конкурентска компанија која работи со иста технологија базирана на вештачка интелигенција, а најблиските конкуренти ни се во Израел, Сингапур, САД и др.

Продуктот го нудиме во повеќе пакети, во зависност од големината на каталогот на онлајн продавницата и бројот на клиентите кои секојдневно ја посетуваат, а секој што сака може да ја тестира технологијата на demo.pixyle.ai. Предноста на Pixyle во однос на конкуренцијата е во прецизноста на информациите. Ние нудиме подобрување на корисничкото искуство, а колку е поточен алгоритмот и дава послични резултати кога пребарува купувачот, толку неговото искуство ќе биде подобро. Втората важна одлука врзана за иднината е што сме фокусирани продуктот и понатаму да го развиваме врзан со модата.

Сподели!
- Advertisement -