Четириесет и пет домашни компании ја искористија можноста да аплицираат преку новововедената скратена „Fast track“ постапка на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Компаниите од Фондот побаруваат 2 милиони и 750 илјади евра, што е речиси 92% од вкупниот буџет наменет за овој повик во рамките на скратената постапка кој изнесува 3 милиони евра. Вкупниот обем на инвестиции е 8.8 милиони евра од кои над 6 милиони се инвестиции на самите компании, со оглед на фактот дека со овој повик Владата обезбедува до 30%, а останатите 70 % се влог на компаниите.
Најголем дел од компаниите апликанти се мали (24) и микро (17) претпријатија, додека останатите се средни (4). За потребите на инвестициите за микро претпријатија и микро ПЗУ финансирањето изнесува максимален износ од 5 милиони денари, додека за мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи ќе биде овозможено финансирање во максимален износ од 10 милиони денари.Компаниите апликанти се речиси од целата земја, меѓу кои во најголем дел од Скопје, Штип, Велес, Охрид, Крушево, Тетово и Гостивар. Нивните проекти со кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој се од 15 области од кои доминантно во секторот трговија и продажба, како и маркетинг, земјоделие, градежништво, енергетика, угостителство и медицина.
Според Правилникот за аплицирање по скратена постапка овие проекти одат директно во фазата на финална селекција во која крајната одлука ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции. Комитетот ќе заседава кон крајот на јануари.
Јавниот повик по скратена постапка беше отворен од 13 до 27 декември 2019 година. Повикот за кофинансирани грантови за технолошки развој по редовна постапка останува и понатаму отворен до 5 февруари годинава.