Научници од австралискиот универзитет RMIT произведоа нов ултратенок електронски материјал кој е 100 пати потенок од постојните кои се користат за изработка на екраните на допир. Научниците материјалот го направија од индиум-алуминиумски оксид и користеле технологија за печатење со течен метал за да го претворат во дводимензионална листови.
Листовите се со нано-дебелина и се компатибилни со постојните електронски технологии, а поради својата еластичност може да се произведат со метода на ротациско печатење како весниците. Индиум-алуминиумската легура се загрева на температура до 200 C, на која станува течна, а потоа се тркала преку површина за изработка на ултратенки листови од индиум-алуминиумски оксид.
Освен еластичноста и проводливоста, новиот материјал има и поголема провидност, што значи дека пропушта повеќе светлина, па паметните телефони со екран на допир направени од него треба да користат помалку енергија и да го продолжат траењето на батеријата за 10%.
Научниците велат дека денешната технологија за производство на провидни тенки листови која се користи за телефоните е премноу бавна, троши премногу енергија и се врши во посебни вакуум-комори, додека екраните на допир од новиот материјал ќе може да се произведат и во нечија кујна без специјализирана опрема.
Австралиските научници поднесоа барање за патентирање на технологијата и се надеваат дека ќе ја комерцијализираат со цел на пазарот во иднина да се испорачуваат поевтини телефони со екрани на допир.