Инспекциите да можат веднаш да ги лоцираат загадувачите на воздухот и да напишат соодветна санкција за загадувањето да не се повторува, е можноста која ја отвора новиот мониторинг систем PureCloud на кој партнерски работат компанијата „Информ“ и Факултетот за електротехника и информатичка технологија, со помош од Фондот за иновации и технолошки развој. Во услови кога Македонија има неколку градови кои се меѓу најзагадените во светот, а загадувачите и понатаму се мистерија и предмет на нагаѓање, нивното откривање се чини како најважниот чекор кон обезбедување на чиста животна околина.
„Информ“ е компанија која е присутна веќе 20 години на македонскиот пазар, чии тимови решавале низа проблеми во сферата на медицинската технологија и автоматиката. Проектот PureCloud е еден од поамбициозните и е знаменосец за нивниот слоган, „технологија која трансформира“. За предизвикот да се соработува со научна установа, за развојот и очекувањата од PureCloud, разговараме со Виолета Николова, директор за бизнис развој во „Информ“.
Г-ѓа Николова, објаснете ни како функционира Pure Cloud мониторинг системот?
PureCloud e паметен мониторинг систем за мерење на квалитетот на воздух, кој е во финална фаза на истражување и развој. Се финализира дизајнот, економичноста и се дефинираат придобивките од неговата употреба, но и кои се предностите во однос на конкуренцијата. PureCloud системот ќе им помага на инспекторите за животна средина на локално и државно ниво, да го следат нивото на загаденост на воздухот. Системот предвидува податоците да се споделуваат истовремено помеѓу сите предвидени платформи и да се ажурираат во реално време. PureCloud има и едноставен процес за оддржување и целосна поддршка од современа лабораторија за тестирање и калибрација, која што е лоцирана во рамки на Факултетот за електротехника и информатичка технологија- ФЕИТ.
Која му е намената и кој ќе може да го користи Pure Cloud мониторинг системот?
Овој систем ќе биде користен од јавните институции, како што се општините, министерствата и агенциите од ресорните министерства. Главната намена е инспекциските служби во овие институции полесно и подетално да можат да ги лоцираат локалните и директните предизвикувачи на загадувањето. Уредите од системот ќе може да се користат на било која микро локација за да се следи загадувањето на воздухот, со што ќе се дадат индикации за тоа каде инспекторите да се насочат во однос на превземање одредени мерки. Уредите имаат и можност да бидат поставени на статична позиција со мрежното покривање, што го прави овој уред повеќенаменски. Системот нуди и детална аналитика со модел кој е веќе докажан како функционален, според регулациите на ЕУ директивата за квалитет на воздухот.
Во Македонија постојат повеќе градови кои секоја година се високо на листата на градови со најголемо аерозагадување. Кој е иновтивниот момент на Pure Cloud мониторинг системот кој ќе ги обезбеди бенефитите за заедницата?
Системот е иновативен на повеќе начини. Софтверот и комуникацијата со процесирање на податоците преку cloud е еден од главните адути на PureCloud, но тие се потребни затоа што иницијалната идеја на мобилно користење на оваа алатка го налага тоа, а истата идеја е концепирана како иновација бидејќи компонентите на уредот се поставени на начин на кој нуди флексибилност со едноставен начин на користење и одржување.
Cloud платформата, која ќе опслужува повеќе уреди од кои преку интернет (4G и Wi-Fi) и bluetooth технологија, ги добива и ги зачувува податоците. Низ алгоритмите се добива анализа за нивната точност, просек на одреден интервал и информации за однесување на сензорите на уредот кои презентираат на корисникот преку веб апликацијата. Бенефит од овој систем ќе имаат институциите бидејќи ќе добијат подобра и поефективна алатка, а сите ние ќе добиеме поажурен и поефективен начин на препознавање на загадувачите и загадувањето. Крајниот бенефит го добиваат граѓаните кои чекаат на поедуцирани и подобри одлуки од извршната локална власт.

Овој систем е директен резултат на успешна соработка на академскиот, приватниот и јавниот сектор. Како се јави идејата за ваков продукт?
Идејата потекнува од ФЕИТ, односно од проф. Јосиф Ќосев и неговиот труд за пронаоѓање решение за индикативно следење на загадувањето на воздухот, со кој „Информ“партнерски учествуваше на повикот на ФИТР за финансиска поддршка преку инструментот Кофинансирани грантови за подобрување на иновативноста.
Идејата за развивање на ваков проект е базирана на потребата од иновација и развој на идеи во однос на постоечкиот проблем на загадување на воздухот, а овој проект е еден од многуте позитивни примери за тоа како академскиот, приватниот и јавниот сектор треба да соработуваат. Тимот на Информ е презадоволен од отвореноста на ФЕИТ и ИНОФЕИТ, на слободата на размислувањето и споделувањето на идеи и предлози за решавање на проблемите кои ги носи со себе овој проект. Информ, иако е зрела компанија, многу се збогати со методолошкиот академски пристап кој го носи тимот на ИНОФЕИТ и инфраструктурно зајакна со ова партнерство. Проф. Јосиф Ќосев го донесе сето свое знаење и пасија кон материјата за овој проект и затоа сме уверени дека и по овој проект соработката ќе остане за некој друг предизвик. Идејата да се соработува со Фондот за иновации и технолошки развој, исто така, е позитивна од секој аспект. Многу проекти, идеи и планови, немаше да бидат реализирани без поддршката на Фондот.
