ФИТР: 203 стартапи продолжуваат во следна фаза на јавниот повик Стартапувај 2

- Advertisement -

Вкупно 203 од 235 стартап компании кои аплицираа на вториот јавен повик  “Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој и Светската банка ја поминаа фазата на административната проверка и преминуваат во претселекција. Фокус на овој инструмент се младите, а целта е поттикнување на истражувачките и развојните процеси за нови бизниси, со потенцијал за повисока додадена вредност.

Овие компании планираат инвестиции во вкупен износ од 7,3 милиони евра, од кои над 1,6 милиони се сопствени средства, а останатите се побаруваат од Фондот и Светската банка. Побаруваниот износ е околу 4 пати повисок од предвидениот обем на средства за јавниот повик.

- Advertisement -

Од овие апликанти, 165 се нови, односно првпат поднесуваат предлог – проекти до Фондот, 33 аплицираат по втор или повеќе пати, додека само 5 се постојни корисници на средства на Фондот.

Според анализите, овие компаниите планираат 563 нови вработувања за реализација на предложените проекти. Најголем дел од нив се микро (179) и мали (24). Доминантен е ИТ секторот, но апликации има и од 14 други области, меѓу кои маркетинг, трговија и продажба, медицина и здравство, како и угостителство, земјоделство и образование.

- Advertisement -

Апликантите кои продолжија во следната фаза се со регистрирани седишта во 23 града. Во најголем дел се од Скопје, но меѓу другите има и од Штип, Битола, Кавадарци, Струга, Тетово, Охрид, Неготино, Дебар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Свети Николе.

Фондот, во соработка со Светска банка, изготви и формулар за проценка на ризиците од актуелната криза со КОВИД 19 и последиците врз бизнисите. Оваа мерка ќе помогне во прецизна проценка на потребите, а ќе овозможи и поддршка и брзо прилагодување кон изменетите пазарни услови за овие компании. Проценката на ризик и предложените мерки за прилагодување од самите компании ќе бидат и составен дел од натамошниот процес на евалуација и одлуката за доделување на ко-финансирање.

- Advertisement -

Процесот на претселекција, како следна фаза, ќе се реализира во целост согласно препораките за превенција и заштита од КОВИД 19, а на истиот ќе бидат ангажирани дел од над 200 домашни стручни лица, организирани во 23 области. Конечната одлука за ко-финансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти, а согласно утврдените критериуми за оценка: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание.

Мерката за проценка на ризикот врз бизнисот, со дефинирање на прецизни мерки за брзо прилагодување во новонастанатите услови на пазарот се проширува и врз апликантите од финалната фаза од Јавниот повик за технолошки развој – редовна постапка. Фондот, во соработка со Светската Банка и други домашни и меѓународни партнери работи и на натамошни мерки што треба да овозможат итна поддршка и брзо прилагодување на бизнисот, што ќе се презентираат во следниот период.

Сподели!
- Advertisement -