Единаесетгодишната Гитанџали Рао ја заслужи титулата „Најдобар млад научник на САД“ кога победи на годинашниот престижен натпревар Discovery Education 3M Young Scientist Challenge. Гитанџали е од Колорадо и наградата ја доби за нејзиниот изум – сензор кој поефикасно детектира олово во водата од традиционалните методи. Младата иноваторка дошла на идеја за изумот кога прв пат слушнала за проблемите со водата во Флинт, Мичиген.
„Секој има право да знае дали водарта што ја пие е здрава“, изјави Рао во својата видеопрезентација на изумот. Рао се надева дека нејзиниот изум кој го нарече Tethys по грчката божица на водата ќе ги заштити луѓето во САД, каде што повеќе од 5.300 системи за вода се загадени со олово.
Во САД се користат два основни методи за детектирање на оловото во водата: со ленти, кои даваат брз, но не секогаш точен резултат или со испраќање примерок од водата на тестирање, за што е потребно повеќе време. Рао одлучи да креира поефективен метод откако ги гледала своите родители како тестираат присуство на олово во водата во нивниот дом.
Во соработка со научници од 3M, Рао направи уред кој со помош на карбонски наноцевки го детектира оловото и испраќа информации преку Bluetooth до мобилна апликација за моментални резултати. Рао планира да го усоврши својот уред и да може да го користат што повеќе луѓе. Во моментот Рао е заинтересирана да учи за да стане генетичар или епидемиолог.
(Inhabitat)