Изминатите години луѓето фрлиле рекордни 53,6 милиони тони електронски отпад, што е 21% пораст во изминатите пет години, покажува најновиот извештај на ОН. Напорите вложени во рециклирање на отпаот не се сразмерни со количината отпад , смета Меѓународната телекомуникациска унија во Женева.
Само 17% од тој отпад е собран минатата година за повторно да се користи. Најмалку 57 милијарди долари вредни компоненти како злато, сребро или платина се фрлени и изгорени наместо да се рециклираат.
Унијата предупредува дека планините од електронски и електричен отпад претставуваат се поголема опасност за околината затоа што тој отпад содржи многу токсични материјали. Рудигер Куер, коавтор на извештајот на ОН, вели дека поголемата свест за пластичниот отпад треба да оди рака под рака со слична свест за електронскиот отпад. Во спротивно во иднина ќе имаме голема криза.
Брзиот развој на електрониката и масовната потрошувачка на уреди го прават електтронскиот отпад најбрзорастечки отпад што го произведуваат домаќинствата. Краткиот животен век и комплицираната поправка придонесуваат за уште поголем пораст на тој отпад. Просечно секој човек во светот годишно произведува по повеќе од 7 кг електронски и електричен отпад.
Азија произведува најмногу таков отпад – 24,9 милиони тони, Америка – 13,1 милиони тони, а Европа – 12 милиони тони. Но, по жител Европејците и Американците предничат пред Азијците.
(Dnevnik.hr)
(фото: Flickr)