Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) најавија јавна кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Кампањата на терен ќе се спроведува со директно вклучување, информирање и консултирање на локалното население, приватните бизниси и сите засегнати страни кои гравитираат на подрачјето на идниот национален парк, со цел да бидат добро информирани и запознаени што претставува национален парк, кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти и зошто Шар Планина треба што поскоро да се заштити со закон.
Кампањата ќе започне со „Патувачко кино“ во руралните средини на идниот национален парк со проекција на промотивното видео и дискусија со локалното население, а ќе продолжи со организирање тематски форуми со засегнатите страни на различни теми, како што се ловството, туризмот, руралните активности и др.
„За подобро разбирање на процесот, ќе биде спроведена и јавна презентација на Студијата за валоризација на Шар Планина, а ќе се обезбеди и поголема застапеност на темата во медиумите преку гостувања и интервјуа со експерти од различни области, редовни брифинзи на новинари за процесот, како и објавување на колумни на експерти и поддржувачи.
За подобра презентација на Шар Планина и на нејзините убавини за кои се слуша надалеку, ќе бидат организирани прошетки низ природните убавини на Шар Планина, ќе се изработат и фотоприказни од успешни локални претприемачи и истите ќе бидат споделени во социјалните медиуми“, информираат од Министерството за животна средина.
Кон кампањата ќе се приклучат и организациите од платформата „Пријатели на Шара” преку конкретни активности на терен и медиумска промоција.
Документите поврзани со процесот се достапни на страницата на министерството: https://bit.ly/3l6Ek3R