Со 30 отсто од капацитетот на салата и седење само во парни редови, Филхармонија ја отвора новата концертна сезона
По пауза од неколку месеци, Филхармонија започнува со своите концерти. Првиот концерт со кој се отвора новата сезона 2020-2021 е на 3 септември, во четврток со почеток во 20 часот.
На програмата е ремек-делото за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер. Диригент е Габриел Бебешелеа (Романија), а солисти се Корби Велч – тенор (САД) и Хеике Веселс – мецосопран (Германија).
Концертот ќе се одвива според протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести, а билетите ќе се продаваат во ограничен број онлајн на веб страната на Филхармонија. Билетите се по цена од 800 денари.
,,За да се испочитуваат протоколите, капацитетот на салата ќе биде искористен само 30 отсто, публиката ќе седи на дистанца, а ќе се продаваат само парните редови во салата. Музичарите кои ќе свират истотака ќе бидат распоредени согласно параметрите кои ги налага Комисијата за заразни болести”, соопштија од Филхармонија.