Франција планира да потроши 100 милијарди евра за да ја извлече економијата од остриот пад предизвикан од пандемијата поради корона вирусот, соопштија владини претставници, а премиерот најави 160.000 нови работни места во 2021 година.
Новиот стимулативен пакет вклучува 35 милијарди евра за зајакнување на конкурентноста на економијата, 30 милијарди евра за еколошки енергетски мерки и 25 милијарди за да се помогне за заштита на работните места.
Транспортниот сектор ќе добие 11 милијарди евра, од кои 4,7 милијарди ќе бидат наменети за железницата. Четири милијарди евра ќе бидат издвоени за реновирање на згради за да се подобри нивната енергетска ефикасност.
Индустријата за водород, за која јавноста смета дека треба да има клучна улога во преминот од фосилни кон еколошки горива, ќе добие две милијарди евра. Ќе се плати една милијарда евра во форма на директна помош за индустриски проекти, вклучително и 600 милиони евра што треба да им помогнат на компаниите да го вратат производството во Франција.
Вредноста на стимулот одговара на четири проценти од бруто домашниот производ (БДП), што значи дека Франција инвестира повеќе државни пари во својата економија од сите други поголеми европски земји.
„Целта на планот е да ја спасиме нашата економија од колапс и да спречиме експлозија на невработеност. Со ова ќе креираме најмалку 160.000 работни места во 2021 година“, – изјави францускиот премиер Кастекс за радиото РТЛ.
Стимулациите главно се насочени кон компаниите и скоро немаат за цел зајакнување на личната потрошувачка, традиционален двигател на францускиот раст, за разлика од германските, чија цел се потрошувачите со намалена стапка на ДДВ.
Француската економија е во рецесија и падна за 13,8 проценти во вториот квартал, што се совпадна со блокадата воведена за спречување на Ковид-19. Во текот на 2020 година, тоа треба да се намали за 11 проценти.
(Извор – Стопанска Комора на Македонија)