Да се укине обврската за објава на огласи за вработување во новоотворени фирми при вработување на нивните основачи и работници предвидува предлог законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар што го подготвува Министерството за економија.
„Согласно постојното законско решение, при постапка за упис на основање на трговски субјект единствено лицата овластени за застапување (застапник по закон/управители) на субјектите на упис, можат да засноваат работен однос без објавување на оглас согласно Закон за работни односи (се работи за прво вработување во новата фирма што се отвора). Оваа можност не е предвидена за основачите на субјектот (освен доколку не се лица овластени за застапување/управители), ниту пак за останати лица со кои субјектот на упис има потреба да заснова работен однос од причина што за нив се применува постапката за засновање работен однос според Законот за работните односи и задолжително се објавува оглас за работното место“, пишува во образложението на нацрт-законот објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Од Министерството за економија нагласуваат дека доколку се избрише, односно се укине обврската при отворање фирма да се објавува оглас за вработување на основачите, односно на работниците, се очекува подобрување на состојбите во делот на индикаторот Започнување бизнис согласно извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка.