Стопанската комора на Македонија, во рамките на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, одржа конференција на тема: „Важноста на вклученоста на приватниот сектор во стручното образование и обука и соработка со училиштата“
На настанот беа презентирани наодите од истражувањето, спроведено од Стопанската комора на Македонија во месеците јуни/јули 2020 година, за вклученоста на приватниот сектор во стручното образование и обука и успешноста од соработката со стручните училишта. Со анкетно истражување беа опфатени вкупно 70 компании на територијата на Република Северна Македонија, од осумте плански региони, од различни сектори на квалификации и различни економски дејности. Податоците покажаа дека во 67,9% од компаниите се реализира практичната обука, додека 7,1% од компаниите соработуваат со училиштата преку опремување на училишните работилници и лаборатории, стипендирање на ученици, обезбедување превоз, топол оброк или надомест за ученичката работа за учениците кои реализираат практична обука. Анализата покажа дека во 90% од компаниите, практичната обука се реализира во времетраење од 5 дена во текот на учебната година, што е малку поминато време за стекнување на стручни вештини и компетенции кај учениците. Гледано од аспект на бројот на ученици кои реализираат практична обука во компаниите, во 36% од компаниите, обука реализираат во просек од 1-6 ученика, додека само 23% од компаниите вработиле по 2 или 3 ученика.
Целта на анализата беше да се согледа моменталната состојба со процесот на реализација на практичната обука, каков е интересот на компаниите за вклученост во процесот и поддршката што ја даваат компаниите на училиштата (финансиска, материјална и менторска). Тргнувајќи од фактот дека компаниите се соочуваат со недостаток на стручен и квалификуван кадар, а реализацијата на практичната обука значи обликување на кадар за своите потреби, од голема важност на Стопанската комора на Македонија беше да добие информации дали компаниите ги вработуваат учениците кои реализираат практична обука во нивната работна средина по завршување на стручното образование.
Извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, посочи дека за Стопанската комора на Македонија во услови на пазарно стопанство и креирање конкурентно производство, како за домашниот така и за надворешниот пазар, од клучно значење е да има стручен, квалификуван и соодветен кадар кој ќе може да одговори на потребите на стопанството. Како резултат на тоа комората поттикна процес на реформи во стручното образование со цел да се задоволат потребите од работна сила на бизнис секторот, имајќи предвид дека околу 80% од невработените се долгорочно невработени, што е резултат на неусогласеност на вештините и компетенциите кои се нудат и пазарот на труд.
Стопанската комора на Македонија подготви Извештај со препораки за подобрување на состојбата со цел да се продолжи да работи уште поодговорно и посветено. Продуктивното работење во компаниите ќе се овозможи доколку има стручен кадар подготвен да се вклучи во работните процеси, но и со субвенционирање од државата и бизнис секторот во квалитетно-флексибилно стручно образование, ориентирано кон потребите на пазарот на труд.
Заклучоците од конференцијата се совпаднаа со заклучоците изнесени во Анализата и се однесуваа на:
1. Зголемување на времетраењето на практичната обука во компаниите;
2. Поедноставување на постапките за одобрување на образовните програми;
3. Зголемување на бројот на стручните предмети и намалување на општо-образовните предмети;
4. Финансиски олеснувања на компаниите во кои се реализира практичната обука;
5. Креирање на уписната политика според потребите на стопанството и
6. Кариерно советување и насочување на учениците во основното образование.