Пакомак ќе постави нови 300 игло контејнери за стаклена амбалажа и 100 метални контејнери за ПЕТ пластика

- Advertisement -

На тој начин стакло ќе може да се селектира во 35 урбани општини, а истовремено, „Пакомак” ќе инвестира и во синџирот на селекција од Хо-Ре-Ка секторот. Таму годинава ќе се донираат повеќе од 1200 канти од 120 литри, со што кругот на еко кафулиња и ресторани ќе го зголеми бројот, а стаклената амбалажа соодветно ќе биде испратена на рециклирање.

Да се селектира отпад не е тешко, напротив потребна е само висока еколошка свест, малку волја и добра организација. Една од најважните алки во одвојувањето на отпадот се домаќинствата, каде што се врши првата и најдетална поделба на различните видови отпад кои можат да се реупотребат или да се рециклираат. Тоа се пластиката, хартијата, стаклото, батериите, електричните и електронските апарати, текстилот, велат од Пакомак.

- Advertisement -

Секое домаќинство во земјава годишно создава огромни количини отпад што не смее да заврши на депонија, а само во Скопје, секој месец домаќинствата создаваат по 20.000 тони ѓубре.

-Селекцијата на отпадот е значаен дел од циркуларната економија кон која се стреми секое модерно општество во борбата со климатските промени и нивните ефекти врз планетата Земја и нашето здравје. Годинава, денот на еколошкиот долг (Earth Overshoot Day) беше 22 август, кога светската популација целосно ги искористи ресурсите што Земјата може да ги обнови во текот на една година. Македонија, пак, своите еколошки ресурси ги истроши дури и порано, на 22 јули. Со оглед на тоа дека до крајот на годината ни остануваат уште неколку месеци, јасно е дека човештвото драматично ја искористува планетата и троши многу повеќе отколку што таа може да понуди, додаваат од компанијата.

- Advertisement -

Според официјално податоци, во земјава годишно се создаваат околу 117.000 тони амбалажен отпад, од кои преку системот на „Пакомак” се собираат околу 28.000 тони хартија, пластика, стакло, метал и дрво, или 55 отсто од од вкупно 50.000 тони, колку што созадваат компаниите кои се членки на системот. Од компанијата велат дека бројот на граѓани кои селектираат отпад секоја година расте, а „Пакомак” ги следи нивните потреби со поставување на нови садови за селекција низ градовите.

Од „Пакомак” посочуваат дека истражувањата во последните седум години, направени во повеќе градови низ земјата покажуваат дека се повеќе луѓе го селектираат отпадот од амбалажа. Последното истражување од февруари оваа година покажува дека кај 23 отсто од граѓаните селекцијата на отпадот е секојдневна рутина, додека 24 отсто селектираат само понекогаш. Бројката од 44 отсто од граѓаните кои минатата година изјавиле дека воопшто не селектираат, годинава е намалена на 31 отсто.

Сподели!
- Advertisement -