Научници во мозокот на починати млади луѓе пронашле честички од загаден воздух, за кои велат дека можат да им наштетат на мозочните клетки на сличен начин како што прават Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест. Во рамките на тоа истражување се анализирани мозоците на 186 починати млади луѓе од Мексико Сити, вклучувајќи и деца. Во мозокот на секој од нив се пронајдени траги од загаден воздух.
Овие загадени честички се наоѓале во делот од мозокот познат како супстанција нигра, која инаку е пресудна за развој на Паркинсонова болест. Тимот истражувачи верува дека тие честички можеле да влезат во човечкиот систем преку цревата или носот.
Меѓутоа, далеку помалку штетни честички се пронајдени кај луѓе од помалку загадени пордачја на Мексико Сити, кој инаку е познат по големото загадување на воздухот и се поопасната еколошка ситуација.
Една од авторките на истражувањето, професорката Барбара Матер од Универзитетот Ланкастер, изјави дека оваа анализа покажува дека постои директна врска меѓу неуродегенеративните болести и загадувањето.
„Засега не можеме да ја докажеме врската, но не можеме да очекуваме дека тие штетни честички седат безопасно во критичните делови од мозокот“ вели Матер.
Доколку се потврди врската меѓу загадувањето и Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, тоа може да се претвори во голема грижа за човештвото со оглед на тоа дека околу 90% од луѓето на Земјата живеат во делови каде што нивото на загадувањето на воздухот ги надминува границите дозволени од Светската здравствена организација.
Околу 3 милиони смртни случаи се поврзани со ефектите од загадувањето на воздухот секоја година, се наведува во извештајот на СЗО од 2016 година.
(Klix.ba)
(фото: Pixabay)