Професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка, Марјан Радески од Охрид и педагогот Маринела Бошева од Скопје го добија признанието за најдобар просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година.
Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.
„Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието“, рече Николовска-Георгиевска.
![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2020/10/%D0%9D%D0%B0%D1%98%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D0%BD%D0%B8-%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8.jpg)
Признанијата на просветните работници им ги врачи Министерката за образование и наука, Мила Царовска, која им порача и понатаму да останат високо мотивирани и креативни во нивната работа.
„Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето на генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава“, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.
Извор – Радио МОФ