Берлинскиот официјален туристички центар Visit Berlin во соработка со берлинскиот Сенат стартуваше уникатна маркетинг кампања за подигање на свеста за епидемијата на корона вирусот.
Кампањата е провокативна и главно ги таргетира луѓето кои мислат дека нема потреба да се следат мерките за безбедност кои ги наложуваат властите. „Подигни го показалецот за сите без маска“ пишува на плакатите со фотографија од постара жена која носи заштитна маска со цветови, гледа во камерата и го држи прстот подигнат, но не показалецот туку средниот прст.
„Ние ги следиме правилата за корона вирусот, е мотото на кампањата. Плакатите прво се појавија во берлинскиот дневен весник Der Tagesspiegel, а потоа брзо се проширија по социјалните мрежи со хаштагот „Берлин против корона“ и предизвика поделени реакции.
Уредникот на Der Tagesspiegel, Лоренц Маролт, вели дека рекламата е класичен Берлин. „Тие луѓе ги доведуваат во опасност постарите и поранливите категории“ додава тој.
Портпаролот на Visit Berlin, Кристијан Тензиер, изјави дека плакатите се тука за да ги потсетат луѓето дека треба да ги почитуваат правилата.
„Најголем дел од граѓаните на Берлин и нашите гости ги почитуваат и ги следат правилата за корона вирусот, но некои не го прават тоа. Тие луѓе ги доведуваат во ризик и постарите и поранливите. Сакавме да посочиме на тој проблем, затоа го избравме овој провокативен мотив“ објасни Тенциер.
„Жителите на Берлин се добро познати по директната комуникација. Ние тоа го користиме на многу директен начин за да им порачаме точно на тие луѓе кои не ги почитуваат правилата. Нашата целна група се луѓето кои не ги почитуваат туѓите животи. Ако некои луѓе се чувствуваат како да се лично нападнати поради тоа што не се во состојба да носат маски од здравствени причини, тоа не е нашата цел. Се извинуваме за тоа“, додава портпаролот.
(Bizlife)
(фото: Twitter)