Скопскиот регион со 43% има најголемо учество во бруто домашниот производ (БДП) на Македонија за 2018 година, додека најмало учество има североисточниот регион со 4,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Втор регион според учество во БДП има пелагонискиот регион со 11,2%, а зад него е југоисточниот со 9,4%. Поголем БДП по жители, во споредба со државниот просек, имаат: скопскиот регион (42%), југоисточниот (12,2%), вардарскиот (4,6%) и пелагонискиот (1,7%).
Сите други региони (источен, југозападен, полошки и североисточен) имаат БДП под просекот на земјава. Па така, бруто домашниот производ на земјава во 2018-та година изнесувал 660.878.000.000 денари, од кои по глава жител отпаѓаат 318.309 денари. БДП во скопскиот регион има вредност од 284.394.000.000 денари, што по глава жител е 451.983 денари.
При користењето на податоците, треба да се има предвид дека податоците за БДП по жител, во одделни региони, во голема мера се под влијание на Commuter flows. Дневната миграција на работната сила придонесува во даден регион да се создаде бруто домашен производ што не е резултат на резидентното население. Од тие причини, податоците за БДП по жител може да бидат преценети во регионот каде што тој се создава (скопскиот регион), односно потценети во регионот од каде што се одлева работната сила. Податоците не ја прикажуваат развиеноста на регионите од аспект на приходите на населението. Тоа значи дека многу граѓани од останатите региони придонесуваат во создавањето на БДП за одреден регион, а заработените приходи ги префрлаат во регионите каде што живеат (како што е, на пример, случајот со скопскиот регион).