Мештаните на австриското село Факинг одлучија да го преименуваат местото во Фагинг, со надеж дека називот на селото веќе нема да биде предмет на исмејување, соопштија денеска локалните власти, пренесува „Данас“.
„Општинскиот совет донесе одлука за преименување на Факинг во Фагинг од 1 јануари 2021 година“, рече Андреа Холцнер, градоначалничка на Тарсдорф, во чиј состав влегува и ова село.
Местото со околу 100 жители, кое се наоѓа 350 километри источно од Виена, со години беше предмет на потсмев.
Различни шегаџии доаѓаа да се фотографираат покрај таблата на влезот на селото Факинг, чие име на англиски јазик има непристојно значење. Подоцна, овие фотографии завршуваа на социјалните мрежи со разни коментари.
Во минатото, во селото немаше мнозинство за промена на името, односно, за таква промена се залагаа само луѓето кои живеат во близина на знакот на влезот на тоа место.
Извор – Радио МОФ