Осма онлајн конференција во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка Македонија

- Advertisement -

Скопје – 9.12.2020 г. Осма година по ред, во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка Македонија, преку онлајн платформата Microsoft Teams, се одржа конференцијата „Erste Investors’ Breakfast“. Како и претходните години, на конференцијата присуствуваа аналитичари и експерти од Ерсте и Шпаркасе Групацијата, како и реномирани претставници од македонскиот финансиски сектор, со свои анализи и предвидувања за актуелните трендови во финансискиот свет и со посебен осврт на влијанието на ковид-19 пандемијата врз макроекономските и финансиските движења во Република Северна Македонија и пошироко во регионот.

Конференцијата свечено беше отворена со поздравно обраќање од претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија, д-р Глигор Бишев, и министерот за финансии д-р Фатмир Бесими, кој во своето поздравно излагање се осврна на фискалната и на финансиската стабилност.

- Advertisement -

Првата стручна презентација на настанот ја одржа гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, со осврт на монетарната политика во текот на ковид-кризата и предизвиците што следуваат во наредниот период. Потем, за движењата на пазарите во Централна и во Источна Европа и одржливоста на ниските приноси на пазарите на капитал, говореше г. Мате Јелиќ, сениор макроаналитичар во Ерсте и Штаермеркише Банка д.д. Хрватска. За актуелните состојби на пазарот на обврзници во Југоисточна Европа говореше г. Филип Јукиќ, директор на Дирекцијата за управување со пазари на хартии од вредност во Ерсте и Штаермеркише Банка д.д. Хрватска.

„И во услови на светска пандемија предизвикана од коронавирусот ковид-19, ја продолживме традицијата по осми пат да бидеме почесни домаќини на дигиталниот Erste Investors’ Breakfast во Република Северна Македонија. Ни претставува особена чест што и оваа година заедно со нашите колеги од Ерсте Групацијата ги разменивме нашите видувања во областа на финансиските пазари, како и за предизвиците со кои се соочуваат финансиските институции, во регионот и во Република Северна Македонија, како и нивното влијание врз економската активност. Акомодативните монетарни политики успееја да ги смират и да ги стабилизираат финансиските пазари. И покрај рекордните буџетски дефицити и емисија на државни обврзници, приносите се во постојано опаѓање. Цените на обврзниците и на акциите постојано растат, најавувајќи го почетокот на економската обнова и раст. Сепак, економската обнова ќе зависи од три фактори: справување со пандемијата, справување со билансите на компаниите и капацитетот на монетарната и фискалната политика за реализација на акомодативните политики на подолг рок“, изјави д-р Глигор Бишев, Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

- Advertisement -

Министерот Бесими посочи дека планираната фискална консолидација, Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) и планот за јавни инвестиции поставуваат цврста основа за враќање на економијата на патеката на позитивни економски остварувања, достигнување на нивото на економијата од преткризниот период во втората половина на 2022 година и обезбедување побрза динамика на економски раст потоа. Според проектираното, економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно. 

„Целокупниот процес на реформи во јавните финансии ќе значи воведување и операционализација на концептот на SMART Finance (Стратешки, Одржливи, Одговорни, Реформски и Транспарентни), односно јавни финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, а притоа задржување на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност (Smart Finance for SmartER Growth)“, рече министерот Бесими.

- Advertisement -

Во својата презентација, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска осврнувајќи се на релаксираната монетарна политика на Народната банка од почетокот на ковид-кризата наваму, посочи дека таквата политика и регулаторната флексибилност на Народната банка придонесоа за натамошно намалување на цената на кредитите и забрзување на  кредитната активност, што обезбедува значајна поддршка на економијата. Всушност, како што истакна гувернерката, каматните стапки на кредитите во нашата економија се едни од најниските во регионот, додека динамиката на кредитен раст е над просечната во регионални рамки.

„Овој период на порелаксирани финансиски услови во банкарскиот систем, треба да биде искористен  за насочување на финансирањето кон продуктивни и иновативни проекти, кои ќе имаат не само краткорочни ефекти врз економскиот раст, туку ќе овозможат и структурни подобрувања и подигнување на долгорочниот потенцијал на економијата, што е клучно за побрза реална конвергенција по завршувањето на пандемијата“, порача Ангеловска-Бежоска.

Шпаркасе Банка Македонија, како дел од големото семејство на австриската групација на Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, континуирано ги следи трендовите во банкарството и се стреми да стане еден од предводниците во развојот на банкарските услуги во Република Северна Македонија. Банката и во иднина ќе продолжи да ги вложува своите ресурси во насока на креирање конкурентска понуда според потребите и очекувањата на клиентите, унапредување на банкарските процеси, поголема дигитализација и градење позитивно корисничко искуство при користењето на финансиските услуги.

Штаермеркише Шпаркасе Групацијата е најголем провајдер на финансиски услуги во Јужна Австрија. Со 3.180 вработени опслужува 795.273 клиенти на 259 локации во Штаерска и во Југоисточна Европа. Пазарното учество на Групацијата Штаермеркише Шпаркасе во Штаерска изнесува околу 32% во сегментот на работење со физички лица. Со 9.139 вработени во Штаермеркише Шпаркасе Групацијата се опслужуваат околу 2,6 милиони клиенти на вкупно 518 локации. „Шпаркасе“, или во превод „штедна банка“, претставува економски успешна идеја, која е предодредена како непрофитна уште при нејзиното основање.

Сподели!
- Advertisement -