Средните стручни училишта треба да бидат со отворени профили согласно потребите на пазарот на труд. Затоа заедно со стопанските комори и со локалните самоуправи и Mинистерството ќе процениме за идната учебна година во која општина од кој профил има потреба, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, во гостување во Економски магазин на Алсат ТВ.
Министерката најави дека за таа цел ќе се организираат 13 средби на кои низ социјален дијалог на локално ниво ќе се утврди кои се профилите кои треба да се отворат во средните стручни училишта. Веќе е направена анализа со 450 компании за нивните потреби и заинтересираноста за соработка и овие локални средби ќе бидат само потврдување на анализата.
„Во изминатите години по инерција истите профили кои биле отворени децении остануваат отворени и понатаму, иако не одговараат на реалните потреби на пазарот на трудот. Учениците од овие паралеки и профили ќе може да бидат и со пракса вклучени во компаниите за да тој линк уште во првиот ден се создаде помеѓу училиштата, компаниите и учениците. Ова го правиме за самите ученици и родители да стекнат доверба дека во општината има училиште коешто не е заборавено, туку напротив е училиште коешто ќе му обезбеди работа на моето дете“, рече Царовска.
Министерката вели дека верификација на профили согласно барањата на реалниот сектор ќе се направи за идната учебна година затоа што тие училишта реално постојат.
Во однос на бројот на ученици кои се запишуваат во средните училишта, министерката вели дека е најважно да се почитуваат Законите.
„Со години сме сведоци дека се прави отстапка од законите кои предвидуваат колкав број на ученици може да се запишат во една паралелка, но така создаваме неквалитетно образование. Затоа законите мора да се почитуваат и тоа е првиот механизам. Вториот механизам е промени во начинот на стипендирање. Ако со години стипендираме општо образование, а не стипендираме средно стручно не сме успогласени со реалните потреби на реалниот сектор. Оваа година објавивме стипендии директно насочени кон средно стручно, но за наредната година планираме стипендиите да бидат мотивирачки и предвреме да се објават со конкурсите и најдобрите ученици од основно образование. На овој начин да бидат мотивирани да се запишат во стручите училишта“, рече Царовска.