Дури и во 2021 година има луѓе што веруваат дека Земјата е рамна плоча и дека постои теорија на заговор да се убедат луѓето дека е тркалезна. Затоа, за да се помогне во докажувањето дека Земјата има сферичма форма Шкотланѓанецот Марк Гауд собира пари со цел да испрати во вселената еден таков човек. Во неговата кампања на GoFundMe се вели дека сите собрани пари ќе се искористат за еден патник и дека се надева оти тоа ќе им ги отвори очите на сите други како него и ќе престанат со теориите на заговор.
Гауд вели дека ги контактирал и извршните директори на SpaceX (Илон Маск) и на Virgin Galactic (Ричард Бренсон) со надеж дека ќе го поддржат проектот, но досега нема одговор од нив. Сепак, за него мисијата е прашање од личен интерес.
„Тие ги нарекуваат астронаутите актери кои се платени да лажат и тоа многу ми пречи затоа што луѓето кои го зборуват тоа самите едвај успеваат да задржат некоја работа и не прават ништо со својот живот“ вели Гауд.
Ова не е првиот проект наменет за луѓе кои веруваат оти Земјата е рамна. Минатата година еден од таквите верници, Лудиот Мајк Хјуз, почина кога се сруши ракетата која ја направил сам со цел да докаже дека Земјата е рамна.
За жал, иако намерите на Гауд се искрени и сериозни, досега со својата кампања на GoFundMe, има собрано само 228 долари, а крајната цел му е 345.465 долари.
(Futurism.com)
(фото: YouTube screenshot)