Фондот за иновации и технолошки развој објави детали за О2 предизвикот односно за повикот за иновативни решенија за подобрување на квалитетот на воздухот. Проектот ќе поддржи идеи во следниве три области:
- Користење на енергија за греење: решенија со кои се намалуваат емисиите на загадувачки супстанци кои се резултат на греењето во домаќинствата и/или индустриските погони;
- Транспорт и мобилност: решенија со кои се намалуваат емисиите на загадувачки супстанци предизвикани од сообраќајот и/или
- Градежништво и урбани алтернативи: решенија со кои се намалува загадувањето предизвикано од градежната експанзија
Предлог проектите треба да содржат системско решение, производ, услуга или иновативна методологија кое/кој/која придонесува кон решавање на еден или повеќе од горенаведените специфични предизвици кои придонесуваат за намалување на загадувањето на воздухот. Времетраењето на проектот не треба да надминува 12 месеци.
Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример нова услуга за граѓаните, нов ефикасен и еколошки производ, поефикасна јавна услуга или пак промена на однесувањето на граѓаните.
Вкупниот буџет за О2 предизвикот изнесува 6.000.000 денари. Наградувањето ќе се врши согласно со рангирањето на предлог-проектите сé до исцрпување на вкупниот износ на буџетот.
За О2 предизвикот Фондот обезбедува финансирање до 90% (деведесет) проценти од вкупниот буџет за предлог-проектот. Преостанатиот паричен износ од вкупниот буџет за проектот се обезбедува од страна на натпреварувачот.
О2 предизвикот е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност, претпријатие и/или здружение.
Пријавувањето на трае заклучно со 30.11.2017 година, до 23:59 часот.