Македонско еколошко друштво (МЕД) во соработка со вработените од Јавното претпријатие за стопанисување со повеќе наменското подрачје „Јасен“ на крајот на февруари успешно обележа млад мажјак од загрозениот вид балкански рис со ГПС околувратник, информираат од МЕД.
Рисот, како што посочуваат, бил обележан од тројца членови на нивниот тим со поддршка на ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и Франција. Фаќањето на овој рис, тие истакнуваат дека е дел од полусистематска сесија за фотозамки, која покажала присуство на уште една единка на рис, како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.
„За присуството на балкански рис во Јасен имавме податоци подолго време но досега немавме среќа да поставиме GPS околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен“, вели Диме Меловски од МЕД.
Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, којшто е финансиски поддржан од Европската Унија, а е спроведен од УНДП со поддршка на МЖСПП.