Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција информираше дека за еден месец ќе започне изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш, по сосема нова траса од постоечкиот магистрален. Како што пренесува порталот www.build.mk, договорот за изведба на делницата долга 23,5 километри, на потегот од селото Софилари до клучката Бучим, е веќе потпишан, а рокот за нејзино завршување е три години. Финансиската конструкција на проектот изнесува 28 милиони евра обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој.
„Изградбата на овој патен правец е од огромно значење за жителите од регионот. Земајќи предвид дека сообраќајот на стариот регионален правец се одвива во отежнати услови од аспект на безбедноста, се јави потреба за изградба на нов пат кој ќе го зголеми квалитетот на сообраќајот во овој дел на Република Македонија“ изјави министерот Сугарески. Јавното претпријатие за државни патишта ќе изврши и санација на постојниот патен правец додека трае изградбата на новиот експресен пат.