ХелтБади+ е апликација која отсега е достапна на македонски и на албански јазик што треба да им помогне на граѓаните да се борат против против ширењето на корона вирусот, но и против дезинформациите сврзани со него. ХелтБади+ може да се инсталира на мобилните телефони со оперативен систем Андроид, но и да се користи преку интернет, на посебната веб-страница.
Оваа апликација/програма/веб-сајт е развиена од Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, досега се користела на други јазици, а отскоро е достапна и на македонски и на албански јазик.
Овозможува преку неа на смартфонот (или преку веб-сајтот на интернет) да се дознаат најновите информации поврзани со ковид-19 на територијата на Северна Македонија, но и на други држави во соседството и во светот; да се дознае какви дезинформации за ширењето на корона вирусот се шират, но и да се побара прашање за секоја информација и дезинформација за пандемијата и за вирусот што се шират на ова подрачје.
Во апликацијата се внесени стручни толкувања од медицински лица за тоа што претставува борбата против болеста. Апликацијата ја подготвија СЗО/Европа и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со цел да им се помогне на земјите во регионот да пристапуваат до факти за ковид-19 и да се овозможи граѓаните да пријавуваат дезинформации за оваа болест.
„За да можеме да се бориме против пандемијата и инфодемијата, треба да изградиме доверба. Дезинформациите имаат вистински последици затоа што влијаат врз однесувањето на луѓето, а децата и младите се особено ранливи. Дезинформациите ги искористуваат слабостите во општеството, ја поткопуваат довербата во науката и медицината и може да резултираат со изгубени животи,“ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.
Во изминатата година, дезинформациите за ковид-19 го попречуваа одговорот на пандемијата. Најновите податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека децата и младите се особено ранливи, при што до три четвртини од младите во светот не се сигурни дека можат да потврдат дали се вистинити информациите дадени на интернет.
„Одговорот на здравствените власти на пандемијата се подрива со лавина дезинформации на интернет и на социјалните мрежи. Заедно со УНИЦЕФ, СЗО сака четботот HealthBuddy+ да го направи сигурен извор на информации и совети во врска со ковид-19. Нема причина луѓето да не добиваат точни информации. Ги охрабруваме здравствените работници и јавноста да ја користат оваа иновативна алатка што обезбедува точни, навремени и прилагодени пораки за КОВИД-19, врз основа на докази коишто ги собираме секојдневно“, рече др Џихан Тавила, претставничка на СЗО.
На потребата од спречување на дезинформаците посочи и амбасадорката на САД во земјава.
„Ширењето на непроверени и погрешни информации за КОВИД-19 предизвикува исклучително сериозни последици придонесувајќи на глобално ниво да се зголеми бројот на смртни случаи од вирусот и да се зголеми скептицизмот кон вакцините. Пандемијата ја нагласи сериозната потреба од постоење сигурни и доверливи канали на информации засновани на факти во земјава, во регионот и низ целиот свет,“ рече амбасадорот на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.
Симон ван Воерден, службеник за комуникација при кризни состојби од Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Серџиу Томса, специјалист за однесување и социјални промени од Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ, елаборираа за предностите на HealthBuddy+ и поддршката за користење на апликацијата во земјата.
Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии и Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, во панел-дискусијата на тема „Дезинформациите и пандемијата на КОВИД-19“ посочија дека еднакво битно е покрај борбата со болеста да се бориме и со дезинформациите, бидејќи тие се најопасната пречка во справувањето со оваа кризна состојба и го загрозуваат здравјето и на старите и на младите.
Извор- Мета