Пристигнува првата македонска мултиплеер игра „Wolfsbane“

- Advertisement -

Од независното студио за игри Workbench Entertainment, креатори на хорор играта „Wounded“, доаѓа првата македонска кооперативна видео игра која овозможува учество на повеќе играчи. Подготовките за објавување на „Wolfsbane“ привршуваат и наскоро се очекува да биде соопштен конечниот датум кога играта ќе пристигне на дистрибутивните платформи како Steam.

„Wolfsbane“ е стилизирана волшебна авантура, игра на преживување, каде брзото размислување и тимската работа ќе бидат клучни за победа. Според концептот припаѓа во групата на игри со натрапници, чиј впечатлив претставник е светски познатата „Among us“.

- Advertisement -

Од неколкуте објавени промотивни видеа, може да се забележи внимателно креираниот свет на „Wolfsbane“ и визуелно импресивната графика на играта.

Играта „Wolfsbane“ е најновиот проект на македонското инди студио кое постои седум години и чиј мал тим има за цел да прерасне во поголемо студио кое еден ден ќе може да се натпреварува со големите корпорации.

- Advertisement -

„Ние го работиме она кое го сакаме, но почетоците се секогаш најтешки, особено на овие простори каде луѓето сè уште го немаат препознаено потенцијалот на оваа индустрија“, вели тимот на Workbench Entertainment.


Дејствието на „Wolfsbane“ е сместено во селото Вудпајн, место каде еднаш на секои десет години изгрева Крвава месечина, a еден од селаните се претвора во врколак кој навечер ги демне и напаѓа останатите. Концептот на играта се состои во надмудрување помеѓу селаните и трансформираниот ѕвер, а целта е играчите-селани преку тимска работа да го вратат во човечка форма својот соселанец кој е проколнат и е трансформиран во врколак.

- Advertisement -

Едноставна, динамична и забавна, вака Workbench Entertainment ја претставува својата најнова видео игра.

„Играта би ја опишале како 3D стилизирана бајка. Секоја партија ќе биде различна приказна, а целта е луѓето да се забавуваат со тоа што ќе ја кријат вистината едни од други, ќе лажат за тоа кој од нив е волк и слично. Има неколку интересни гејмплеј механики во играта кои ќе придонесат за добра атмосфера“, велат од инди студиото.

Надигрувањето во „Wolfsbane“ е поделено во три фази – првата се одвива на дневна светлина, кога селаните собираат разни алатки за да подоцна се одбранат од ѕверот, по што следува полна месечина – еден од селаните почнува да се трансформира во врколак, додека последната фаза подразбира изгревање на Крвавата месечина и тогаш почнува финалната игра на преживување.

Повратните информации од играчите кои имале „early access“ пристап до „Wolfsbane“ биле позитивни и укажувале на импресионираност.

Тимот на Workbench Entertainment е горд што се креатори на првата македонска мултиплеер игра, но истовремено се надеваат дека и други домашни студија ќе можат да се пофалат со нови слични проекти.

„Скоро сите се импресионирани од визуелниот дел на играта, а тие работи што ни се нови и нам, односно сè поврзано со networking и multiplayer аспектот на играта, се солидни, но им е потребно уште малку работа. Би било одлично да видиме и други наши студија со нови multiplayer проекти. Прилично комплицирано е да работиш на multiplayer игра во споредба со singleplayer, па можеби и затоа немавме ниту една до сега“, појаснуваат од W.E.

Играта ќе биде достапна за играње на неколку платформи, конзоли и мобилни телефони, а ќе може да се преземе и од Steam, најголемата дистрибутивна платформа за компјутерски игри. Иако беше најавено дека играта пристигнува во април, од Workbench Entertainment велат дека поради зголемениот интерес на инвеститорите и издавачите на видео игри, лансирањето на „Wolfsbane“ ќе биде одложено.

„14 април беше некоја груба проценка за тоа како ќе се одвиваат работите, но последниве неколку денови добиваме понуди од многу големи издавачи на игри и инвеститори, што значи дека е доста веројатно да ги одложиме малку работите со цел да постигнеме поголем успех понатаму. Тоа и беше целта на овој проект, да направиме нешто многу комерцијално за да привлечеме понуди за соработка со поголеми корпорации“, објаснуваат од Workbench Entertainment и додаваат дека вложуваат максимални напори за да не чекаат фановите и играта да биде пуштена во најскоро време.

Иако од W.E. сè уште работат на утврдување на договорите со издавачите, „Wolfsbane“ веројатно ќе може да се преземе по разумна цена, или како што велат тие – “ќе биде прифатлива за сечиј џеб“.

Инаку, студиото пред неколку години ја објави и хорор играта „Wounded – The beginning“, која забележа огромен успех и предизвика позитивни реакции во гејминг индустријата. Wounded добила и номинација за наградите CEEGA (Central and Eastern European Game Awards), па Workbench Entertainment било првото македонско студио кое досега учествувало на престижниот гејминг настан во Полска.

„Успехот на нашата прва игра беше причината да се вее македонското знаме во Познањ. Бевме, и сè уште сме многу горди на нашиот прв проект. Играта исто така доби доста позитивни коментари од искусни и светски познати јутубери кои се занимаваат со ова веќе подолго време. Еден од нив е Markiplier, кој до ден денес ни е еден од омилените јутjубери. На неговиот канал Wounded има над 5 милиони прегледи“, вели тимот кој стои позади „Wounded – The beginning“ и „Wolfsbane“.

Во меѓувреме, додека се очекува пристигнувањето на првата кооперативна игра развиена од македонско студио, фановите на игрите на преживување и љубителите на авантури и добра забава пред екран можат подобро да се запознаат со светот на Wolfsbane на социјалните мрежи на Workbench Entertainment, каде ќе можат да ги очекуваат сите новости поврзани со играта.

(Meta.mk)

Сподели!
- Advertisement -